Пак убиени цивили, па извинување
22 февруари 2010Гувернерот на провинцијата Даи Кунди за првата програма на германската телевизија изјави дека несомнено станува збор за убиени цивили. Според него, трите нападнати мини- автобуси биле на пат кон јужен Авганистан: „Грозоморниот инцидент се случи на границата меѓу провинциите Даи Кунди и Урузган. Трите возила биле на пат кон Кандахар. Убиени се 27 луѓе. Меѓу убиените има четири жени и две деца, другите се мажи. Десет лица се повредени.“
И владата на претседателот Хамид Карзаи тврди дека во нападот на НАТО се убиени цивили, според нивните информации во несреќата 33 лица го загубиле животот.
ИСАФ се извини за инцидентот
ИСАФ во соопштение за јавноста потврди, дека војниците сметале оти луѓето во возилата биле бунтовници и дека подготвувале напад врз заедничка патрола на ИСАФ и авганистанските војници. Конкретни податоци за бројот на жртвите, меѓународните трупи не изнесоа, но потврдија дека во нападот загинале жени и деца, и најавија истрага на случајот.
Командантот на ИСАФ за Авганистан Стенли Меккристл разговараше со претседателот на Авганистан Хамид Карзаи и се извини за инцидентот. Во разговорот Меккристл уште еднаш го уверил авганистанскиот претседател дека неговите трупи ќе сторат се’ за во наредните операции да ги штитат цивилите. Шефот на ИСАФ во неговиот стратегиски план централно место му дава на авганистанскиот народ во борбата против бунтовниците. Самите Авганистанци се мисијата на меѓународните заштитни трупи, рече Меккристл минaтото лето кога ја презеде функцијата. Задача на ИСАФ е, подвлече Меккристл, да го штити населението од секакво насилство. Според неговиот план, војниците само во нужни ситуации треба да побараат воздушна поддршка, на пример ако бидат цел на напад. Токму затоа, новото бомбардирање е тежок удар за големата офанзива во провинцијата Хелманд. 15.000 војници таму се обидуваат да ги освојат упориштата на талибанците и да ја добијат довербата на мнозинското паштунско население.
Измината година во Авганистан загинаа 2.400 луѓе, повеќе од нив во самоубиствени бомбашки напади на талибанците, или во воздушни напади на НАТО. Тоа е најтемната бројка загинати во изминатите осум години, по падот на талибанците.
Автор: Сандра Петерсман/Александра Трајковска
Редактор: Жана Ацеска