Очекувања за деловно поуспешна 2012. година
18 април 2012Михаел Шмит, од Управниот одбор на Македонско-германското стопанско здружение на денешната прес-конференција изрази задоволство дека компаниите членки на здружението се задоволни од сопствената деловна состојба во Македонија и што ја гледаат оваа земја како атрактивно место за инвестирање во споредба со други држави во регионот.
„ Разбирливо е, а тоа го потврдуваат и резултатите од анкетата, дека меѓу компаниите се’ уште постои скептицизам во однос на заздравувањето на македонското стопанство, а тоа постои и кон најважните извозни пазари“, рече Шмит.
Во споредба со минатата година Македонија како место за инвестирање е перципирана попозитивно, 74 отсто од 154-те анкетираните фирми повторно би вложувале во земјава. Повеќето од компаниите учеснички во анкетата спроведена во првиот квартал од годинава истакнале дека во 2012. очекуваат зголемување на прометот и добивката. Вкупно 33. насто од испитаните планираат да го зголемат бројот на вработени, а 15 проценти предвидуваат намалување.
И покрај позитивните деловни перспективи и подобрата оценка на општата економска состојба, остануваат критиките на сметка на општите рамковни услови, правната сигурност, ефикасноста на јавната администрација и транспарентноста на јавните тендери.