1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Очај во Грција

Мајке Ферлаат/Ж.А.21 мај 2016

И покрај договорот меѓу ЕУ и Турција, голем број бегалци во пренатрупаните кампови на грчките острови чекаат на решавање на својот статус. Кој има шанси за азил - чека. Некои се обидуваат да отпливаат до турскиот брег.

https://p.dw.com/p/1IoUM
Фотографија: DW/D. Cupolo

Махмуд Ало веќе 45 дена чека на грчкиот остров Хиос. Овој млад Сириец од Дамаск, исто како и неговата мајка и тројцата браќа, сакал да продолжи на север, кон Германија. Но, штом стигнал во Грција, бил сместен во Виал, еден вид затворски камп.

За луѓето кои се тука подолго од 25 дена, вратата на овој камп е отворена, но тоа ништо не менува. „Ова е остров, не може далеку да се стигне“, вели Ало. Понекогаш, раскажува тој, оди до соседното село за да си купи храна, зашто она што го добива за оброк во кампот, е грозно.

„Условите во кампот се ужасни“, вели Мариа Лавида, портпарол на хуманитарната организација Лекари на светот. Таа моментно се наоѓа во бегалскиот камп Соуда во градот Хиос. „Камповите се преполни, речиси не постојат хигиенски услови, е веќе нема место ни за новодојденци.“

Погрешни информации

Но, како е можно, без оглед на затворените граници и катастрофалните услови, луѓето уште да стигнуваат во Грција?

„На бегалците во Турција им се кажува дека границите уште се отворени и условите се беспрекорни. Едноставно ги испраќаат во Грција“, вели Лавида.

Griechenland Haftanstalt auf Chios
Затворениот бегалски камп ВиалФотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Слично било и со Махмуд Ало. „Знаев за затворените граници, но ми рекоа дека тоа не важи за Сиријците. Мислев дека ќе можам да го продолжам патот, дотолку повеќе што имам роднини во Европа.“ Кога не можел да патува, побарал азил, пред 35 дена. „Добив еден број, но мене никој никогаш не ме повика. Немам никакви информации како ќе се одвива постапката“. Во кампот наголемо се шпекулира, службени информации од властите нема.

Чекање на азил

Мохамад Карим Торајали од Авганистан немал среќа. „Бев прв во кампот“, раскажува тој. На Хиос дошол веднаш по склучувањето на договорот меѓу ЕУ и Турција, откако еден месец патувал преку Пакистан, Иран и Турција. Но, барем неговата апликација за азил била брзо обработена. Колку повеќе луѓе стигнуваат на Хиос, толку пооптоварени се грчките службеници. „Овде има само две лица кои водат разговори. Двајца за 2.000 луѓе. Ако продолжи така и натаму, луѓето овде ќе мора да чекаат уште шест месеци до една година“, вели Торајали, дополнувајќи дека условите во кампот не се погодни за толку долг престој. При толку бегалци од различни земји, редовно доаѓа до конфликти, истакнува Авганистанецот. Неговиот чичко и братучед стигнале во Виал по него и уште чекаат на разговор.

Griechenland Deportation von Flüchtlingen auf Chios
Останува само да се чекаФотографија: Benjamin Julian

Очајнички обиди за бегство

Поради долгото чекање во кампот, многумина веќе размислуваат за враќање назад во Турција. Ало дознал за шест до седум семејства кои тој ден сакаат да се вратат во Турција, за оттаму да се обидат да најдат друг пат до Европа. Според новинската агенција ДПА, на почетокот на минатата недела некои бегалци дури се обиделе да препливаат 15 километри, колку што островот Хиос го делат од турскиот брег. Петмина Мароканци и еден Алжирец биле посебно очајни поради недобиената шанса за азил. Поморската стража ги вратила, зашто лесно можеле да се удават.

Официјално враќање на бегалци во Турција од Хиос нема од април, вели Лавида. Таа е уверена - Турција застојот го користи за изнудување визна либерализација. Освен тоа, додава таа, многумина бегалци не се подготвени да отидат во други кампови во земјата, стравувајќи од трикови заради нивна депортација.

За сето тоа Торајали не мора веќе да се грижи. „Само што добив официјално одобрение за азил. Сега можам да одам во Атина, таму ќе ми дадат нови документи“. Тој се надева дека наскоро ќе може да дојде и неговото семејство. Дотогаш единствено му преостанува чекањето - повторно.