1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворен пат кон ЕУ за запaден Балкан, но земјите мораат да го изодат сами

26 април 2007

Предлозите на Ахтисари се можното решение за косовскиот проблем, тоа не може да има дејство на преседан. За Дојче Веле зборува Рупрехт Поленц (ЦДУ)

https://p.dw.com/p/AdfJ
Рупрехт Поленц
Рупрехт ПоленцФотографија: ZB - Fotoreport

Рупрехт Поленц, пратеник на Христијанско-демократската унија во Бундестагот и претседател на парламентарната комисија за надворешна политика, одговори на повеќе прашања на Верица Спасовска за програмата на Дојче Веле.

Косово е најгорливото прашање на западен Балкан. Ставовите на Србија и на косовските Албанци се дијаметрално спротивни. Во однос на тоа дали постои решение кое би им помогнало на обете страни да го зачуваат образот, Поленц рече: “Мислам дека предлозите што сега финскиот преговарач Ахтисари му ги поднесе на ОН и за кои долго се разговараше со обете страни, се едно такво решение. Србија уште одамна веќе не управува со Косово, а статусот не може да остане таков. Навистина, не беше можен компромис по прашањето за статусот, но очигледно интересот и на Србија и на Косово е во иднина во Европа. Главен интерес на Србија е по можност во 2008-ма да стане кандидат за пристап кон Унијата, што не е можно без решение за косовскиот конфликт. Врз таа основа и затоа што предлозите на Ахтисари содржат далекусежќни права за малцинстава на Косово, би требало да може да се постигне согласност на таа линија. Тоа е сега и позицијата на ЕУ”.

Од некои страни доаѓаат страхувања дека косовското решение би предизвикало домино ефект. Рупрехт Поленц не ги споделува тие стравови: “Не, постојано ќе биде појаснувано дека поради предисторијата станува збор единствена ситуација која сега само така може да биде решена и не може да има никакво дејство на преседан за било какви желби во светот или во регионот. Не може да се исклучи дека и покрај тоа овде-онде некој може да се повика на тоа. Но, ако меѓународната заедница е согласна дека Косово е единствен, поединечен случај, тоа би требало да е доволно”.

Очигледно, клучот за решение на многу проблеми на Балканот е ЕУ, односно перспективата за челнство. Колку е реално во догледно време земјите од Западен Балкан да станат членки на Унијата? За тоа Поленц вели: “Тие имаат перспектива, вратата е отворена, патот покажан – него мораат самите да го изодат. Но, без перспектива, пат и отворена врата, тие би биле оставени сами на себе и се’ што е досега вложено таму би било залудно. Оттука, правилно е што ЕУ постојано наново ги обновуваше и потврдуваше ветувањата дадени во Пактот за стабилност на Балканот и кои ја содржат европската перспектива”.

Што направија ЕУ и Германија во изминатите 10 години за Балканот и каде се дефицитите? “На таа политика прво би фрлил поглед од европска, а не од национална германска перспектива, оти германската плитика за Балканот секогаш беше вклопена во политиката на ЕУ. Да се потсетиме на мисијата за разоружување во Македонија - тоа беше заеднички потфат, потоа Кфор – тука учествуваат повеќе земји. Значи, ние тоа всушност го гледавме мултилатерално и го реализиравме како европски проект. Како голема европска земја, ние тука го дадовме својот придонес. Кога ќе се погледа каде стигнавме од времето на 90-тите години – гранатирањето на Дубровник, уништувањето на Вуковар, тоа се само два настана, Сребреница и да не се спомнува - тогаш е многу постигнато. Словенија фактички сосем се ослободи од збрката, другите земји се на добар пат. И, ако ни успее заеднички како Европејци, сега пред се’ во Советот за безбедност да создадеме основа за навистина да може да се напредува со Косово и со европската перспектива на Србија, тогаш сум полн со надежи. И со поглед врз минатото, не гледам никаква алтернатива за таа политика” – рече во разговор за Дојче Веле Рупрехт Поленц (ЦДУ), претседател на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот.