Отворена медиумска поддршка на изборите во БиХ
25 септември 2014„Медиумите во БиХ ќе ги следат изборните активности правилно, професионално и објективно со доследно почитување на новинарскиот кодекс. Електронските медиуми ќе ги следат предизборните активности и ќе се придружуваат до принципот на избалансирано, чесно и непристрасно известување. Ниту еден политички субјект не може да има привилегирана положба во однос на некој друг политички субјект.“
Ова е само дел од Изборниот законик на БиХ, кој се однесува на медиумите и начинот на кој треба да работат за време на изборниот процес. Но, на хартија е едно, а во пракса е сосема друго, бидејќи граѓаните на БиХ последните неколку дена се сведоци на непрофесионално известување кај одделни медиуми, во кои целта е да дискредитира или некоја друга медиумска куќа, или некоја друга политичка партија.
Новинарката од сараевскиот весник „Ослобоѓење“, Гордана Катана вели дека тоа е особено очигледно во Република Српска, каде никогаш досега не се водела вака отворена и валкана медиумска војна: „Медиумите никогаш до сега не заземале позиции како овој пат. Мене ме загрижуваат јавните сервиси, конкретно РТВ на Република Српска (РТРС), која е исклучително во функција на владејачката политичка партија, со оглед на неизбалансираното известување. Од друга страна, пак, сметам дека и БН телевизијата ја премина границата на потребата од објективното известување. Секако, не можеме некој, кој граѓаните не го плаќаат да го натераме да не фаворизира некоја партија, но видливо е дека се работи за безрезервна подршка на опозицијата во РС“.
Сето ова не придонесува за професионалното новинарство, иако вакви ситуации имаше и во претходните кампањи. Но, директорот на Центарот за културен дијалог од Сараево, Сања Влаисављевиќ, се согласува дека оваа кампања е повалкана од сите претходни, но и дека постојат и политички субјекти кои не сакаат да учествуваат на одредени медуми, тврдејќи дека токму тие се во служба на одделни политики.
„Пред неколку дена беше примерот со Емир Суљаѓиќ (кандидат на Демократскиот фронт за член на Претседателството на БиХ), кој кажа дека нема да учествува во емисии на Федералната телевизија, бидејќи истата е во функција на одредена политичка партија, која е најверојатно негов конкурент. Истото се случува и во РС каде РТС и БНТВ водат отворена војна, што политичарите го користат. Имајќи предвид дека изборот на граѓаните е тежок, годинава очигледно ниту медиумите, ниту политичарите не се плашат од сите можни организирани пораки кон граѓаните за да победи токму нивната политичка опција. Во секој случај, остава грд впечаток тоа што го гледаме на телевизијата, а и на другите медиуми“, вели Влаисављевиќ.
Контиќ: „Ситуацијата е лоша“
Директорот на Медиацентарот од Сараево, Боро Контиќ, вели дека ова што се случува во медиумите, кога станува збор за политичката контрола, постојано е присутно, иако тоа влијание е поголемо во РС отколку во Федерацијата БиХ, каде само неколку медиуми се во директна сопственост на политичари: „Не е како на РТРС, која е целосно под контрола на СНСД, чиј директор (Драшко Милиновиќ) вчера стигна од кабинетот на претседателот на РС. Во Федерацијата, ФТВ беше во рацете на СДП, веќе не е, се борат и тие. БХТ сѐ уште успева да остане надвор од тоа влијание. Ситуацијата е лоша, но во суштина сѐ уште се соочуваме со политичките и еконосмки притисоци“.
За медиумите и начинот на известување надлежна е Регулаторната агенција за комуникации на БиХ и тоа исклучително на емитуваната содржина и врз основа на поднесените приговори. Агенцијата реагира само по прашање на конкретни програми, на пример информативната, додека сѐ останато е препуштено на уредувачката политика и пристапот на одредена тема. „Во секој конкретен случај агенцијата реагира, додека останатиот процес е прашање на уредувачката политика на одредена тема“, велат од Регулаторната агенција за комуникации на БиХ.
Ги преминува сите границите на непрофесионализмот
Од друга страна, пак, таа медиумска слика во БиХ, однесувањето на медиумите, која посебно дојде до израз на почетокот од предизборната кампања, покажува дека одредени медиуми, без разлика дали станува збор за електронски, печатени медиуми или портали се ставени во директна служба на политички субјекти, што може да се види од секојдневните извештаи.
„Дефинитивно, медиумите во БиХ, кога станува збор за оваа предизборна камапња, го допреа дното, кога говориме за професионализмот. Во светот постои пракса медиумите да имаат свои политички ментори, меѓутоа ова веќе ги преминува границите на добриот вкус и професионализмот. Ако приватните медиуми смее да бидат наклонети кон една или друга опција, тоа секако не важи за јавниот сервис, чии власници сме самите ние, граѓаните. Но, генерално гледано, медиумите во БиХ, зависно од интересите на сопствениците, се наклонети кон една од политичките партии“, констатира Владимир Шушак од Здружението „БХ новинари“.