1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осталгија - романтични сеќавања на ГДР?

Волфганг Дик/ З. Јордановски9 ноември 2014

По 25 години од падот на Ѕидот забележлива е „осталгија“:краставички Шпревалд, чоколадни халорен-кугли и автомобилите „трабант“ ги одржуваат сеќавањата на ГДР. Се крие ли зад таа носталгија и некакво политичко убедување?

https://p.dw.com/p/1Dh2K
Фотографија: Daniel Helbig

Преноќување и живеење како во времето на Германската Демократска Република (ГДР) денес е можно само во еден хотел - „Остел“, кој се наоѓа во Берлин, во кравтот Фридрихсхајн. На основачите им требало многу време за да дојдат до оригинален мебел и тапети за опремување на 60-те соби. Но, се исплатеа напорите за таа бизнис-идеја. Искоритеноста на собите е висока. „Луѓето сакаат да доживеат како било порано“, вели Даниел Хелбих, еден од иницијаторите и управувачи со хотелот. Многумина посетители сакаат „живот во забавено темпо“, без телевизор, телефон или друг луксуз, уверува Хелбих.

Враќање во времето на ГДР сепак посакуваат само 10 - 15 проценти од 16-те милиони жители на некогашната ГДР (Источна Германија), кои непосредно го доживеасја обидот за изградба на социјалистичка држава. Тоа го потврдуваат анкетите на германските истражувачки институти. Мнозинството се радува дека денес во повторно обединетата Германија ужива малку поголема благосостојба отколку во годините на ГДР (1949 - 1990).

Осталгијата доживува бум

Па сепак, Зилке Ридигер, на пример, доживува непрекинато силна навала во нејзината интернет-трговија со продукти од некогашната ГДР, кои ги произведуваат само неколку мануфктури. Изборот оди од алишта, музика и филмови, па се’ до оригинални банкноти или ордени. Една банкнота од 100 источногермански марки сега чини 25 евра.

Orden "Held der Arbeit"
Орден од ГДР: „Херој на трудот“Фотографија: picture-alliance/ZB

Орденот „Херој на трудот“ за извонредни постигнувања во работата, кој беше ретко доделуван од тогашниот шеф на владата Ерих Хонекер, може да се добие за 350 евра - и тоа во оригиналната кутија. Сега е доволен еден клик со компјутерското глувче и орденот по пошта ќе биде испорачан дома. „Најголема е побарувачката за прехранбени средства според рецепти од времето на ГДР“, задоволно укажува Зилке Ридигер: Црвенкапа-сект од Фрајбург (на истокот на Германија, н.з.), сенф од Бауцен, краставички од Шпревалд, сурогат-кафе од јачмен, кока-кола како имитат на американскиот оригинал или чоколада во форма на топка.

Загубена татковина

„Луѓето со задоволство се сеќаваат на нивното поранешно секојдневие. Сето тоа не го сметаа за лошо, а многу од тоа исчезна со паѓањето на ѕидот“ - така Зилке Ридигер го објаснува својот деловен успех. Со нејзината понуда од стоки, вели, во никој случај не сакалада дава политички сигнали, како ни нејзините муштерии со купувањето спомен-предмети од ГДР. „Кој се слади со халоренкугла (вид чоколаден десерт, н.з.), всушност го чувствува вкусот на своето детство“, вели Зилке Ридигер.

И Дирк Гринер смета дека на наводните „осталгичари“ (носталгичари по Источна Германија, н.з.) не им недостасува политичкиот систем, туку се во прашање нивните емоции. „Луѓте стојат тука со солзи в очи и гледаат само во предмети што му давале белег на нивното секојдневие“, раскажува Гринер. За неговиот „Кабинет за осталгија“ во Лангенвединген кај Магдебург, тој и неговите родители со многу труд и љубов собрале околу 20 000 експонати од времето на ГДР. „Луѓето посебно се интересираат за кујнските апарати - дали уште можат да ги купат, оти и натаму се воодушевени од нивниот квалитет“, вели Гринер и моли за разбирање: ако почнел да продава, за кратко време би бил распродаден музејот и ќе немал веќе што да изложува.

Sandmännchen-Sammlung
Популарни играчки во ГДРФотографија: Dirk Grüner

Чувство на отуѓеност

„Многу луѓе од некогашната ГДР се’ уште во обединета Германија се чувствуваат туѓо и како без татковина. Животот во ГДР беше попрегледен“, вели Клаус Шредер за причините за осталгијата. Тој е доктор по социологија и политиколог од Слободниот универзитет Берлин и интензивно се занимабаше со ГДР и развојот со повторното обединување. Главното сознание до кое дојде е: со радикалната преориентација кон пазарно стопанство многу луѓе од Истокот чувствуваа како да им е обезвреднето и непочитувано она што го постигнале во животот - а со тоа и нивната биографија. Во 1990 година преку ноќ едноставно ги снема многу фирми и нивните производи.

Professor Klaus Schroeder
Клаус ШредерФотографија: FU Berlin

Поради тоа многумина денес своите сеќавања ги врзуваат за предметите. Нивното мото е: Не бевме толку лоши, како што тврдеше Западот. Напорите за признание на рамноправно ниво водат и кон некои сосем поинакви појави, укажува професорот Шредер: „Четириесет проценти од младите луѓе со родители од ГДР за Источна Германија не зборуваат како за диктатура и дури 50 проценти аргументираат дека ни во Западна Германија не владеела чиста демократија“. Но, и во таквите ставови Клаус Шредер повторно гледа напори за да бидат перцепирани како на исто ниво со Западот. Германското општество би морало да внимава носталгијата по старите времиња да не се претвори во невистинито идеализирање на историјата. Не е опасна осталгијата во сеќавањата, туку политичката рамнодушносткоја настапи во меѓувреме, смета професорот.

Слично е и сознанието на Штефан Воле, историчар и научен раководител на Музејот на ГДР во Берлин. Тој поради тоа се обидува на идеализираниот поглед секогаш да му додаде и дел од суровата реалност. Во музејот најдоцна по посетата на поставката на соза за сослушување на Штази - полицијата која го контролираше и казнуваше секој обид за отпор во населението против владата. Од звучниците се слушаат оригинални записници од сослушувањата. „Овде и класови со најнемирни ученици одненадеж стануваат многу мирни“, кажува Воле и со задоволство констатира дека е пречекорена кулминацијата на идеолошки бележаната осталгија: „За младата генерација ГДР веќе е само историја“.

DDR Museum Berlin Ausstellung Ostalgie
Соба за испрашување на Штази во музејот на ГДР во БерлинФотографија: DDR Museum Berlin

Минатото на ГДР денес се појавува првенствено на 4 тркала, откако најголемиот дел автомобили произведени во ГДР веќе завршија на отпад. Тркачка верзија на возила од ГДР можеше да се види дури и на рели-натпреварувања во Африка. Малиот „трабант“, нагалено беше нарекуван „траби“ или „картон“, а поголемиот автомобил „вартбург“ беше речиси недостижен. Во ГДР луѓето мораа да чекаат 10 години за да им се укаже шанса да го добијат купениот автомобил. Инго Шпекман денес изнајмува автомобили од ГДР за свадби или за забава во слободно време: „Луѓето се радуваат и автомобилите ги потсетуваат на сплотеноста на луѓето во ГДР“. Тој е уверен дека меѓусебната помош за сами да ги прават резервните делови што им недостасуваат ги сплоти луѓето во ГДР. Тоа денес веќе го нема, констатира со жалење. И, веројатно не е осамен во тоа жалење.

Wartburg als Rallaye-Auto beim Rennen Dresden Bajul 2008
Вартбургот од ГДР сѐ уште е популарен во некои делови од светотФотографија: Ingo Speckmann