Оставки во банкарскиот кварт
8 јуни 2015Можеби Аншу Џаин и Јирген Фичен се надеваа дека големиот медиумски интерес за самитот на Г7 ќе го намали интересот на јавноста за нивните оставки. Но дури ни фактот што Меркел им беше домаќинка на лидерите на светските индустриски нации не успеа да го ублажи земјотресот по оставките на првите луѓе на најголемата германска банка.
Уште поважно, тие и не заминаа по сопствена одлука. Едноставно не беа во можност да ја вратат банката на стариот колосек по низата скапи и срамни скандали. На крајот, притисокот од акционерите беше преголем. Пред само две и пол недели, раководството беше критикувано од присутните и доби само 60 проценти поддршка. Вообичаено во вакви пригоди, поддршката е над 90 проценти.
Улогата на Џаин
Аншу Џаин, 52-годишникот со индиски корени, од многумина се смета за извор на „злото“ во банката. Со години раководеше со инвестицискиот оддел на Дојче банк во Лондон, со голем успех. Во екот на глобалниот финансиски колапс, поранешниот шеф на Џаин, Јозеф Акерман се фалеше дека нема причина да прифати државна помош. И навистина немаше потреба. Машината на Џаин обезбеди доволно. Банката до ден -денешен се‘ уште ја плаќа цената за тоа. Во моментов Дојче банк се бори со околу 6 илјади тужби, а профитот е разјаден од казни, судски трошоци и вонсудски договори. Додека другите банки ги расчистуваа документите и се ориентираа кон нови, легитимни стратегии, во Франкфурт сѐ остана по старо.
Пред неколку недели раководниот тандем конечно презентираше нова стратегија. Но и потоа реакциите од аналитичарите и акционерите беа осудувачки. Тоа беше премалку и предоцна. Акциите на банката паѓаа сѐ подолу. Пазарната вредност на банката е помала од активата во нејзините книги. Тоа е вистинска трагедија.
Џаин со него го повлече и Фичен. Банката ќе мора да ја преживее оваа загуба. Новиот шеф Џон Крајан се соочува со тешка задача на која не треба да му се завидува. Тој ќе мора да ја врати на стариот курс единствената германска меѓународна банка. Притоа ќе мора да носи и некои радикални решенија - и нема гаранција дека ќе успее.