1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Основна плата: 1000 евра месечно плус

Медлин Мелцер / ЕМФ18 февруари 2016

Илјада евра месечно плус - едноставно така, дополнително на она што човек веќе го има или не. Еден социјален проект во Берлин ја реализира оваа идеја и редовно доделува 12.000 евра годишна плата, без противуслуга.

https://p.dw.com/p/1HwcY
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Организацијата „Мој основен приход“ има намера да го револуционализира светот на работата: на интернет секој може да се регистрира и, со малку среќа, да добие дополнителен приход. Со тркало на среќата се утврдува кој добива месечно по 1000 евра плус - цела една година, без оданочување.

Ваквата плата се финансира преку „краудфандинг“. Досега, околу 36.000 донатори го финансираа основниот приход за 32 лица.

Според основачите на проектот, основниот приход е клуч за поголема креативност, ефективно работење и претприемаштво.

Михаел Бомејер, основач на „Мој основен приход“, објаснува:

„... Затоа што исчезнува принуденоста да се работи и на луѓето им се овозможува да живеат живот на можности. Со ваква основа, тие можат да се прашаат: во што сум добар и со што можам да придонесам во општеството?“

Овде може да го погледнете видеото:

Основна плата: 1000 евра месечно плус

Тоа го доживува Јудит Менцл, која има добиено „Мој основен приход“. Нејзиното веганско кафуле особено во зимските месеци има малку промет. Со дополнителните 1000 евра месечно ѝ се симнува голем товар од рамената:

„Мојот личен живот е осигуран. Сега може да се фокусирам на тоа да го одржам кафулето во живот.“

Дискусијата околу основниот приход не е нова во светот. За негово воведување веќе со години се залагаат одделни партии и граѓански иницијативи. Критичарите сметаат дека најголем проблем е финансирањето. За тоа постојат и студии.

Виктор Штајнер, професор по економија на Слободниот универзитет Берлин, вели:

„Покажавме дека е можно да се финансира, но тоа би значело воведување многу поголема даночна стапка.“

Политички, основниот приход не е спроведлив. Идејата на организацијата „Мој основен приход“ веќе експандира: во САД е веќе подготвен да стартува краудфандинг-проект по урнек на германскиот.