Ослободени македонските новинари уапсени во Грција
16 август 2011Момироски и Ѓоргиевска беа уапсени за време на извршување на професионални задачи. Двајцата, пред приведувањето, го следеле процесот на вадење лични документи од грчките служби од страна на етнички Македонци во Лерин.
Недозволено снимање на јавен објект e причината наведена од грчката полиција за апсењето на македонските новинари во Лерин, изјави новинарот Горан Момироски за новинската агенција „Макфакс“.
Тој додаде дека немало груб однос кон него и неговата колешка Милена
Ѓоргиевска за време на двочасовниот притвор.
Момироски и Ѓоргиевска биле уапсени пред зграда на грчка служба, во моментот
кога разговарале со етнички Македонци кои ваделе лични документи.
„Дојдоа лица од државна безбедност и не одведоа во полиција. Ни беше укажано
дека сме сториле кривично дело за кое може да се добие и затворска казна и
до 10 години. Откако ги проверија камерите и не најдоа ништо спорно, бевме
ослободени“, изјави Момироски за „Макфакс“.
За апсењето на Момироски и на Ѓоргиевска бил информиран и македонскиот конзул во Солун, кој заминал во Лерин за да провери што точно се случило. Во меѓувреме, алармирано е Здружението на новинари на Југоисточна Европа СЕЕМО.
Автор: БГ/СН/миа/макфакс
Редактор: Симе Недевски