1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оружје за Украина од 5 НАТО-членки?

Александар Методијев/ројтерс/миа7 септември 2014

Висок соработник на украинскиот претседател Петро Порошенко објави дека со пет земји-членки на НАТО е постигнат договор за време на самитот во Велс за обезбедување оружје и воени советници.

https://p.dw.com/p/1D8Od
Фотографија: Reuters

Јуриј Луценко, кој е лидер на партијата „Блок на Петро Порошенко“, на неговата Фејсбук станица објави: „На НАТО самитот се постигнати договори за обезбедување воени советници и снабдување со модерно вооружување од САД, Франција, Италија, Полска и Норвешка“. Тој не дава дополнителни информации.

Официјални претставници во НАТО претходно имаат изјавено дека Алијансата нема да испраќа оружје во Украина, која не е земја-членка, но оти индивидуалните членки можат да изберат дали тоа ќе го сторат или не.

Русија остро се противи на блиските врски меѓу Украина и НАТО. Украинскиот претседател учествуваше на дводневниот самит во Велс, кој заврши во петокот.

Објавени детали од примирјето

Истиот ден во Минск беше потпишано примирје меѓу украинските претставници во трилатералната контакт-група и претставници на проруските бунтовници. Документот под наслов „Протокол за резултатите од консултациите на трилатералната Контакт група“ денеска го објави ОБСЕ.

Jurij Luzenko
Јуриј ЛуценкоФотографија: picture-alliance/dpa

Во 12 точки се содржани мерките кои треба да бидат преземени, доколку прекинот на огнот во источниот дел на Украина остане во сила. Во нив се предвидува специјален статус за Доњецката и Луганската област. Планот предвидува децентрализација на власта, продолжување со „инклузивен сенационален дијалог“ и амнестија за проруските сили.

Истовремено, од Украина „треба да бидат повлечени сите нелегални воени формации, воената опрема, како и „милитантите и платениците“. Натаму се предвидува меѓународните набљудувачи на ОБСЕ да го контролираат прекинот на огнот во Украина и на украинско-руската граница, ослободување на сите воени заробеници и отворање хуманитарни коридори. Покрај тоа, на границата меѓу Украина и Русија, со помош на ОБСЕ, ќе биде воведена „безбедносна зона“.