1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан веќе нема да може како досега

Дора Дисери
5 април 2022

Виктор Орбан победува веќе по петти пат. Фидес доби повеќе гласови отколку што и самата очекуваше. Притоа важна улога одигра војната во Украина. Сепак, Орбан нема да може да продолжи како досега, оценува Дора Дисери.

https://p.dw.com/p/49Qno
Ungarn Wahl 2022 | Viktor Orban
Фотографија: Leonhard Foeger/REUTERS

Повторно се поставува прашањето: Како може Орбан и натаму да има толкава поддршка во Унгарија? Досега одговорот гласеше - опозицијата беше раскарана и поделена. Овојпат, на парламентарните избори 2022-ра, шесте опозициски партии излегоа здружени. Имаше дури и дуели за распределбата на местата и човек имаше впечаток дека повторно се зборува за конкретни нешта, наместо само бесмислено подбуцнувања против некого.

Орбан, борецот

Таквиот впечатокот беше погрешен. Партијата Фидес на крајот сепак успеа подобро да ги мобилизира неодлучните гласачи отколку што се очекуваше. Тие победија дури и во изборни единици за кои се прогнозираше победа на опозицијата. Но, како? Реториката на борец отсекогаш добро му стоела на Орбан. Во изминатите години се бореше против Брисел, Сорос, миграцијата, невладините организации и моментално - се бори против војната.

Руската инвазија на Украина на почетокот малку ја исфрли од колосек предизборната кампања на владеачката партија, но таа брзо беше вратена на нејзиниот курс - се тврди дека Фидес е на страната на мирот и сѐ додека се тие на власт нема да се испорачува оружје преку унгарска територија, нема да се испраќаат мировни сили во Украина и нема да се прифаќаат санкции кои би го загрозиле снабдувањето на Унгарија со енергенси. 

Dora Diseri | DW Kommentatorin
Дора ДисериФотографија: Doman Nemes

Зеленски како непријател 

Министерот за надворешни работи на Унгарија дури отворено ја обвини Украина дека се обидела да изврши влијание на исходот на изборите во земјата. Со тоа унгарската влада е единствената во рамки на НАТО и ЕУ која Зеленски не го слави како херој, туку го смета за непријател кој има сојузништво со унгарската опозиција.

Не е случајност што Орбан не им се приклучи на премиерите на Полска, Чешка и Словенија кон средината на март на патувањето во Киев, туку замина кај Александар Вучиќ во Србија, кој има слични релации со Русија како и Унгарија и кој исто така победи на изборите во својата земја.

Премногу жртви за победата

Орбан жртвуваше многу за оваа победа. Со својот пријателски курс кон Русија ја загрози долгата традиција на полско-унгарското пријателство, како и соработката во рамки на В4. Освен тоа, унгарската влада стори сè за да ја затскрие енормната инфлација во земјата – на родителите им беше вратен данокот на приход, пензионерите добија уште една цела пензија, цените на бензинот и храната беа фиксно утврдени, а покачувањето на цената на струјата беше одложено со огромна државна помош.

Тоа не може да остане така, бидејќи унгарскиот буџет не може да ги издржи овие мерки на долг рок. Орбан мора да се сврти кон курс на штедење доколку не сака земјата да ја доведе до банкрот. И дипломатската изолација во која самиот ја вовлече земјата, мора да се промени. Мора да се рехабилитираат односите со земјите од Вишеградската група, како и позицијата на Унгарија во ЕУ.

Неуспех на опозицијата

Поразот на опозицијата јасно покажа дека оваа коалиција нема долго да трае. Повторно им е потребен пресврт. Симболично беше тоа што во текот на говорот на нивниот главен кандидат, Петер Марки-Зај, не стоеја претставниците од другите партии, туку семејството. Наместо за последен пат да застанат зад Марки-Зај, како слика што ќе се испрати во јавноста, тие први почнаа да ги формулираат причините зошто здружувањето на опозицијата е неуспешно.

Како и да е, опозицијата не се покажа доволно опозициска. Со Петер Марки-Зај тие промовираа кандидат, кој како поранешен поддржувач на Фидес, веројатно е „подобра“ варијанта наспроти владата на Фидес, но не е и вистинската алтернатива што се бараше.

Десните екстремисти повторно во парламентот

Тоа им одеше во прилог на десните екстремисти. Малкумина сметаа дека движењето „Mi Hazank” (Нашата татковина) ќе го премине прагот од 5%. Партијата настана во 2018 година, со отцепувањето на деснорадикалното крило од партијата Јобик, и функционира како „сателит“ партија на Фидес, која ѝ дава одреден публицитет. Оваа партија ги собра пред сѐ гласовите на Ковид-скептиците, противниците на вакцинација и хомофобите.

Паралелни светови

Изборните резултати ја потврдија екстремната поларизација на општеството. Јазот помеѓу градовите и селата и натаму се продлабочува, меѓу другото и идеолошки. Опозицијата ги освои големите градови, Фидес руралните средини.

Овие паралелни светови постојат веќе со години – во едниот Орбан е амбасадор на мирот, кој се бори за правата на земјата и е спасител на нацијата, во другиот тој е корумипран лажго, кој се држи за Путин и сака да ја извади Унгарија од ЕУ. Но, ова мора да заврши. Орбан толку ги продлабочи овие ровови, што на крајот и самиот ќе падне во нив. Мора побрзо да стане свесен за тоа, инаку ќе му биде предоцна.