1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата на крстопат: консолидација или маргинализација!

Катерина Блажевска27 мај 2014

Претставниците на опозицијата веруваат дека следниот пакет мерки за бојкот на институциите ќе даде резултати, но оние кои еднаш оделе по тој „пат“, велат дека е тежок и неизвесен

https://p.dw.com/p/1C7ND
Фотографија: Petr Stojanovski

Влада и парламентарци во сенка, „финансиски совет“ за контрола на задолжувањето во земјата и трошењето дома, конституирање „Форум на независни судии“ кој ќе го следи процесуирањето на обвиненијата против функционери на власта, нов закон за МРТВ и други законски измени, се дел од предлозите за натамошните активности на опозицијата. Нив, сумирани во 13 точки на „Единствена стратегија за дејствување на здружената опозиција“, НСДП на Тито Петковски му ги предложи на коалицискиот партнер, СДСМ. Предлози за натамошните активности во штабот на СДСМ стигнале и од ЛДП на Андреј Жерновски, а по обемната анализа, ќе се искристализираат чекорите што опозицијата ќе ги преземе во наредниот период, откако се одлучи да ги делегитимира институциите, со тоа што ќе функционира надвор од нив.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека постапката за избор на мерките бара време за темелна анализа.

„Стигнаа многу предлози, од кои дел се совпаѓаат или се блиски и со нашите планови. Но, она што ќе го преземеме, нема да бидат само партиски, туку натпартиски активности. За таа цел, од наредната недела ќе организираме голема трибина, на која докажани експерти во своите области, ќе зборуваат за проблемите, мерките и решенијата што треба да се преземат за надминување на сегашните состојби, во секоја област поединечно. Тоа ќе биде голема дебата без временско ограничување. И врз база на тие изнесни оценки и предлози, ќе ги градиме нашите активности кои треба да станат големо Движење за остварување на крајната цел - вонредни парламентарни избори во организација на техничка влада и градење на демократска и правна Република Македонија“, објаснува Заев.

Zoran Zaev, Vorsitzender der Partei SDSM
Зоран ЗаевФотографија: Petr Stojanovski

Натпартиско движење

Со оглед дека идентификацијата на проблемите е секогаш полесна од реализацијата на мерките за нивно решавање, се поставува прашањето - колку реално можат да бидат ефикасни тие мерки и дали се соодветна замена за институционалното дејствување? Заев во овој момент не сака да ги открива плановите на партијата, но навестува дека ќе бидат многу поразлични од она што сега флуктуира како информација во јавноста и цврсто верува во успехот на нивната реализација.

И Тито Петковски е уверен дека вонинституционалното дејствување ќе даде резултати.

„Убеден сум дека ќе успееме. Граѓаните треба да се запознаат со нашите планови, да ја препознаат нивната демократска и развојна суштина. На тој пат очекуваме многу сојузници. Ќе разговараме и со независните синдикати, со граѓански организаци и со струкови здруженија“, објаснува Петковски.

За остварување на целите, според НСДП, треба да се исполнат и повеќе предуслови: проширување и поцврство здружување на сите опозициски настроени партии, здруженија и невладини организации кои не ја подржуваат политиката на власта; обезбедување дипломатска поддршка; комуникациска стратегија за синхронизирање и валоризирање на ефектите од сите активности; отворање на прес-центар кој постојано ќе функционира. Многумина предлогот на НСДП за „постојано заседание на пратеничката група на здружената опозиција“ го прочитаа како нејзино враќање во Парламентот, но Петковски енергично ги демантира таквите шпекулации.

„Нема враќање во парламентот. Предлагаме опозициската пратеничка група да заседава и да работи надвор од него, а наша желба е нејзините активности и ставови перманентно да стигнуваат до граѓаните“, уверува лидерот на НСДП.

Иако не открива како ќе биде реализирано тоа, неофицијално дознаваме, дека во тој контекст се размислува и за пренос на седниците на опозициската пратеничка група на некој тв-канал.

Mazedonien Land und Leute
Петар ГошевФотографија: DW/Stojanovski

За големиот број предложени инцијативи за законски измени, меѓу кои и изборните, кои на крајот од вонинституционалното дејствување сепак мора да се најдат на институционален „шалтер“ - Собранието и да го поминат пратеничкиот филтер, претставниците на опозицијата се децидни: „За да се организираат фер избори спроведени од техничка влада, мора да се изменат многу законски проекти, како предуслов за да се оствари неусловена волја на гласачите. Власта ќе биде ставена на голем тест – сака или не сака фер избори“.

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ ставовите на опозицијата се мета на перманентна критика.

„На сите им е јасно дека СДСМ се заглавени во сопствената безидејност“, се вели во вчерашното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, како една од многуте последователни реакции за ставовите на СДСМ.

„Тонејќи во жива кал, со себе се обидуваат да ја повлечат и државата. На СДСМ воопшто не им е важно тоа што нивното срамно, неодговорно и несовесно однесување и носи, и ќе и носи штета на Република Македонија. Со обидите за инсценирање на некаква си политичка криза во Македонија, СДСМ се обидува да ја прикрие својата криза. Македонија не треба и не може да биде жртва на личните и теснопартиски интереси и кавги на луѓето од раководството на оваа партија“, оцени ВМРО-ДПМНЕ.

Тешко време за опозицијата

Надовор од кампусот на СДСМ, постои резерва во однос на ефектите што ќе ги донесе опозицискиот бојкот на институциите.

„Отсуството од Собранието тешко може да се надомести“, вели Петар Гошев, кој своевремено како лидер на Демократската партија (ДС) имаше горко искуство со бојкотот на парламентот.

„Дали опозицијата ќе успее во вонинституционалното дејствување и дали ќе може да го сврти вниманието на јавноста кон нејзините активности, зависи, пред сѐ, од инвентивноста, упорноста, но и од финансиските можности. Реално, сметам дека тој хендикеп на отсуство од парламентот, тешко се надоместува. Освен, ако оваа ситуација не се доведе до апсурд, односно власта целосно да се остави сама со себе, па да се произведе ефект каков што имаше во 1998 година, кога ВМРО-ДПМНЕ и ДП станаа вонпарламентарна опозиција. Тогаш, ВМРО-ДПМНЕ не претрпе никаква штета од бојкотот на парламентот. Напротив, порасна опозициското расположение кон неа, за разлика од ДП која претрпе штета. Причината за таа разлика беше делумно во историската етаблираност на левицата и десницата, но и во финансиските можности, кои тогаш беа поголеми во ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, на свој начин 'помогна' и тогашната власт со нејзиниот неактивизам и дамките од приватизацијата во транзицијата. Но, две исти постапки во различно време не може да се споредуваат. Она во што сум сигурен е дека опозицијата ќе биде во тешка ситуација“, вели Гошев.

Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол РизаовФотографија: Petr Stojanovski

Сличен став дели и новинарот Ерол Ризаов, коментатор и аналитичар на политичките состојби во земјата.

„Стравувам дека Македонија ќе остане без опозиција, бидејќи процесот на нејзина маргинализација е веќе почнат. Кон тоа води целосното владеење со медиумите од страна на власта и фингирање, на божем опозиција, преку ГРОМ и ДПА, а вторава всушност е само опозиција на ДУИ. Колку и да изгледа апсурдно, во моментов најголема 'опозиција' е ДУИ, бидејќи власта има најголем проблем со неа. Во ситуација на целосна медиумска блокада на активностите на опозицијата, многу е тешко да се има вонинституционално дејствување, бидејќи ќе нема кој медиумски да го регистрира тоа. Власта е многу осилена по изборите и си дава право да ги користи сите методи на притисоци и контрола. Ако наскоро не се отвори некој 'демократски пакет', постои опасност за четири до шест месеци опозицијата да биде целосно маргинализирана“, прогнозира Ризаов.

Кај аналитичарите нема дилема дека опозицијата во наредниот период ќе биде на опасна раскрсница - или ќе успее да се консолидира и да реализира сет мерки во интерес на земјата или во спротивно - ќе се маргинализира. Но, тоа нема да биде само маргинализирање на опозицијата, туку и на демократијата, бидејќи во држава без опозиција, секогаш постои опасност демократските процеси да бидат третирани како „нешто незадолжително“.