Опожарена црква во Лабуништа
31 јануари 2012Во етнички мешаното село Лабуништа кај Струга, доцна синоќа била опожарена православната црква Св. Никола. Црквата е стара околу два века и во неа биле чувани вредни икони. Нема прецизни информации колкава е причинетата штета, но според информации на весникот „Вест“, пожарот доцна синоќа бил локализиран, а објектот и вредните икони биле спасени.
Седница на Комитетот за односи меѓу заедниците
Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко во изјава за повеќе македонски медиуми повика на смирување на тензиите и зачувување на соживотот. Телевизијата Алсат-М, повикувајќи се на изјава на Мерко и на очевидци од селото, тврди дека црквата ја опожариле „две лица од христијанска вера, чиј идентитет бил познат“, а во насловот на веста наведува оти тоа биле Македонци.
Инцидентот се случува по повеќедневните меѓуетнички тензии во Струга и протестите на локалното албанско население, како реакција на исмејувањето на исламот и Куранот на карневалот во Вевчани. Пред неколку дена во Струга беше запалено и македонското знаме. Исламската верска заедница вчера обвини дека во Македонија постои исламофобија, која е комбинирана со владина пропаганда.
Денеска во македонскиот парламент треба да заседава Комитетот за односи меѓу заедниците, а единствена точка на дневниот ред се меѓуетничките односи.
Автор: БГ/СН/бета
Редактор: Е.М. Фиданоска