„Операција Валкира“ ја подели германската критика
21 јануари 2009Една недела по неговата официјална премиера во Холивуд, филмот „Операција Валкира“ од денеска(22.01.2009) се дава по германските кина.
Критичарите се поделени во однос на Том Круз и неговата улога на Клаус Шенк Граф фон Штауфенберг. Дел од критичарите упатија остри зборови на сметка на актерот, додека други го фалат филмот и мило им е што еден домашен херој, како Штауфенберг, конечно се пробива во светот.
На критиката не и` се допаѓа животниот стил на Круз
Сепак, дел од критиките за Том Круз немаат никаква врска со неговите актерски способности, туку се поттикнати од неговиот контроверзен животен стил и неговата преданост кон сциентолошката црква, која во Германија се смета за опасна религиозна секта. Од овие причини властите во Берлин на почетокот не и` дозволија на филмската екипа да снима одредени сцени во зградата во која атентаторите беа убиени. Сепак, подоцна го променија мислењето, откако ја сфатија големата медиумска важност на тоа што една од најголемите холивудски ѕвезди го портретира германскиот борец, кој се осмели да им се спротивстави на нацистите.
Том Круз знае како да привлече внимание
Но, без оглед на се`, едно е сигурно - Том Круз привлекува внимание. Тој во вторникот (20.01.2009) повторно допатува во Берлин, овојпат за да присуствува на германската промоција на неговото најново филмско остварување. Запрашан која е пораката што ја носи овој историски трилер, Круз изјави дека сакал да покаже дека „постои и добар Германец, спротивност на Хитлер.“