1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН и ЕУ одлучни против џихадистите во Ирак

ЖА/дпа/миа/афп/ртре16 август 2014

ОН и ЕУ не сакаат со скрстени раце да гледаат на ситуацијата во Ирак. ОН усвои резолуција против терористите од Исламска држава, а ЕУ реши да им испрати оружје на Курдите за да можат да се спротистават на џихадистите.

https://p.dw.com/p/1Cvhs
Фотографија: Don Emmert/AFP/Getty Images

ОН планираат со притисок врз луѓето кои стојат зад Исламска држава да се борат против исламскиот тероризам во Ирак,но и на целиот и Блиски Исток. Советот за безбедност на ОН усвои синоќа едногласно резулуција чија цел е да се оневозможи финансирањето на екстремистите во Ирак и во Сирија, како и да се спречи приливот на нови екстремистички борци од странство. Ова досега се најшироките мерки на Советот за безбедност на ОН против џихадистите во Ирак и Сирија, кои во моментот контролираат голем дел од територијата на тие земји и обвинети се за злосторства. Мерките предвидуваат и санкции со кои се заканува на оние кои финансираат, регрутираат или ги снабдуваат со оружје исламистичките екстремисти во Ирак и Сирија. Екстремистите, кои Резолуцијата 2170 треба да ги оневозможи во нивните натамошни злосторнички акции, се отцепени групи од мрежата Ал Каеда, кои зазедоа голем дел од териториите во Ирак и Сирија и прогласија калифат. Целта на резолуцијата е слабеење на Исламска држава и Фронтот ал-Нусра. Со резолуцијата се осудува секоја директна или индиректна трговија со Исламска држава или со Фронтот ал-Нусра, и се предупредува дека тоа би можело да доведе до санкции.

ЕУ ќе испраќа оружје на Курдите

Претходно министрите за надворешни работи на ЕУ на средбата во Брисел се изјаснија за лиферување оружје на Курдите во борбата против џихадистите. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер истакна дека во помошта кон Курдите е вклучено и оружје. Зашто, курдските борци често имаат само оружје кое потекнува одвремето на Источниот блок. Дали и Германија ќе учествува во испраќањето оружјево Ирак, не е јасно.

Владите на одделни земји-членки на ЕУ се слободни да праќаат оружје на ирачките Курди кои се борат против исламските милитанти, под услов за тоа да имаат одобрение од ирачките власти, беше соопштено по вчерашниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ. Соопштено е и дека ЕУ ќе настојува да ги попречи активностите на борците на Исламска држава кои зазеле некои извори на нафта во Сирија и Ирак и сега остваруваат заработка од продажбата на енергенсот.

Irak Flüchtlinge 17.07.2014
Бегалци во ИракФотографија: Reuters

ЕУ исто така се залага за итна истрага на злоупотребите на човековите права во Сирија и Ирак, истакнувајќи дека некои од нив би можеле да претставуваат злосторства против човештвото.

Масакр во Северен Ирак

Џихадисти од групата „Исламска држава“ нападнале село на етничката религиозна група Јазиди во Северен Ирак, убивајќи 80 мажи и киднапирајќи 100 жени. Селото се наоѓа на околу 20 километри од планинскиот град Синџар и долго време било под опсада на џихадисти. Киднапираните жени се однесени во контролираните од екстремисти градови Мосул и Тал Афар. Шефот на ирачката дипломатија Хошијар Зебари изјави дека мажите биле убиени бидејќи одбиле да го прифатат исламот, на што настојуваат екстремистите.