Олимпискиот факел во Минхен
29 јуни 2004На патувањето во сите досегашни градови домаќини на олимпијадите, пламенот денеска напладне на олимпискиот стадион, беше пречекан од претседателот на германскиот олимписки комитет Клаус Штајнбах. Факелот потоа ќе го носат 125 познати спортисти и јавни личности низ целиот град. Следна станица утре е Берлин.
Прв во 12 и 30 со факелот потрча долгопругашот Гинтер Цан кој во 1972 година го запали олимпискиот оган во Минхен, како најмлад, тогаш 18-годишен натпреварувач. Гинтер Цан вели:
“Кога ќе помислам на тоа пред 32 години, беше токму во Минхен, а сега олимпискиот оган повторно се враќа овде и јас сум првиот што ќе потрча и тоа на олимпсикиот стадион, тоа многу ми значи. Мислам дека целиот ќе се наежам кога повторно ќе го имам факелот в раце“.
Освен Цан, присутни беа и голем број познати спортисти, меѓу нив алпските величини како Рози Митермаер, Кристијан Нојројтер и Маркус Васмаер. Утре факелот ќе се најде во Берлин. Поранешниот светски порвак во гимнастика Еберхард Гингер, кој денес е член на германскиот парламент, ќе скокне со падобран и на стадионот ќе го преземе факелот. Последен ќе го носи Томас Бах, олимписки победник во мечување во 1976 година, а сега потпретседател на Меѓународниот олимписки комитет.
Олимпискиот оган инаку, веќе три месеци се наоѓа на пат низ светот. Беше запален на 23 март во татковината на античките олимпијади, а на 13 август ќе се врати во Атина на отворањето на 28-те олимписки игри.