1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

270910 Nordkorea Parteikongress Nachfolge

28 септември 2010

Владејачката партија во Северна Кореја денеска (28.09) одржува прв конгрес по 30 години. Набљудувачите претпоставуваат дека Ким Јонг Ил сака да направи смена нa раководството и да го донесе својот син за наследник.

https://p.dw.com/p/PNoz
Ким Јонг Ил е на власт 30 годиниФотографија: AP Graphics

За наследници се шпекулира откако т.н. „сакан водач“ на Северна Кореја во 2008 година веројатно доживеа мозочен удар. Надвор од границите на, во голем дел изолираната, земја за неговиот син Ким Јонг Ун се знае малку. Се проценува дека тој има околу триесетина години. На една од малкуте фотографии, може да се види единаесетгодишно момче, кое изгледа многу слично на татко му. Младиот Ким веројатно посетувал училиште во Швајцарија и зборува малку германски, англиски и француски. Експертот за Северна Кореја од Слободниот универзитет во Берлин, Вернер Пфенинг, вели:

„Тој се опишува како контактибилен, пријателски настроен, човек што кога учел посредувал во кавгите меѓу учениците и настојувал да ги смири, како човек кој има малку познавања од странски јазици и кој сака кошарка. Но, сето тоа не се баш критериуми кои се важни за да се води земјата. Ништо не е познато за тоа како ќе биде прифатен од страна на елитата, на воените сили, во рамки на партискиот апарат.“

Nordkorea Arbeiterpartei Führungswechsel Kim Jong Il und angeblich Kim Jong Un 2010
Фотографија од март 2010 на Ким Јонг Ил и наводно неговиот син Ким Јонг УнФотографија: picture-alliance/dpa

Делегатите треба да дадат „амин“

Неопходно е да се подготви патот за генерацијата што доаѓа, нагласи таткото Ким Јонг Ил за време на својата последна посета на големиот сосед - Кина. Заедно со синот тој беше во посета на историските места кои ги имаше посетено и неговиот татко, основачот и т.н. „вечен претседател“ на Северна Кореја, Ким Ил Сунг. Експертите претпоставуваат дека Ким Јонг Ил со тоа сакал да даде сигнал за скорешното повторно предавање на власта од татко на син.

Во контекст на ова треба да се гледа и претстојното вонредно собрание на севернокорејската Работничка партија, велат експертите. Делегатите не само што треба да дадат благослов за нова раководна гарнитура, туку треба да го прифатат и синот на Ким како наследник на тронот.

Kim Jong Il Nordkorea Taedonggang Obstplantage Früchtefarm
Набљудувачите се надеваат дека со промена на власта, важните ресурси кои сега одат кај армијата, ќе бидат пренасочени во цивилни цели (На фотографијата: Ким Јонг Ил и армиски офицери)Фотографија: AP

Се отвора врата за прагматична политика?

Ким Јонг Ун можеби во прво време ќе добие некаква функција во средината на партиската хиерархија, а дури подоцна ќе се искачи на врвот, смета Вернер Пфенинг. Експертите се на мислење дека на постарите членови на партијата ќе им биде тешко да му дадат поддршка на толку млад и политички неискусен наследник. Сепак, странските набљудувачи се надеваат дека младиот Ким, со оглед на своите училишни искуства во странство, ќе биде поподготвен за меѓународна соработка од татко му.

„Се надевам дека со промената на власта ќе се отвори место за прагматична политика. Нормализација на корејскиот полуостров е од полза за сите. Таа ќе ги пренасочи важните ресурси кои сега се одлеваат кај армијата, во цивилни цели. Од тоа ќе профитира целиот регион“, нагласува Пфенинг.

Автор: Ана Леман / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска