Од видео касетата до „облакот“
Глобалната трансформација од аналогни кон дигитални уреди способни за зачувување на податоци и аудиовизуални содржини не беше брз процес. Сепак, во последните неколку децении бевме сведоци на различни иновации .
Видео рекордери
Дали се сеќавате на старите добри видеорекордери? Освен што се уште се користат, тие се уште и се произведуваат. Јапонската компанија Фунаи која ги произведува уредите, во минатата година оствари продажба на 750.000 единици. Последниот производител на VHS и VCR рекордери најави дека оваа година ќе го стопира производството со што ќе стави крај на ерата на видеорекордерите по цели четири децении.
Аудиокасети
Аудиокасетите, како и видеокасетите се на крајот од својата „служба“. Од почетокот на технолошката ера и многу години потоа, тие беа столбот за трајно чување на звук. Производителите на магнетните касети ветуваа безбедно чување на звукот до 20 години, но често пати технологијата потфрли на ваквото ветување.
Флопи диск
Во почетокот на ерата на персоналните компјутери, флопи дисковите или популарно наречени „дискети“, беа прв избор за дигиталното чување на податоци. Ваквиот тренд се задржа многу години откако беа за првпат конципирани од страна на Алан Шугарт во 1967 година. Недостатокот на „дискетите“ беше нивниот мал капацитет.
Компактни дискови
Додека флопи дисковите немаа голема корист поради нивната мала „меморија“, ЦД и ДВД дисковите и оптичките читачи се уште се присутни во нашите домови – токму поради големиот капацитет за зачувување на податоци. Во домаќинствата можат да се најдат како индивидуални машини, но и како интегрални делови од компјутерите и лаптопите.
Хард дискови
Денес најпопуларно и најкористено средство за чување на дигитални податоци се хард дисковите во компјутерите, чиј капацитет може да достигне до 15 терабајти. Нивните технолошки посовршени „браќа“, ССД дисковите нудат супериорна брзина во чувањето и располагањето со дигитални информации.
„Облакот“
„Облакот“ е последниот технолошки тренд кој претендира да стане најпопуларниот начин за чување на податоци. Со оваа технологија, корисниците ги испраќаат своите датотеки во „облакот“ поради што не мора да се грижат за капацитетот на своите хард дискови. Сепак многумина сметаат дека личните податоци не би требало да ги чуваат надвор од својот дом.