Одлуката за преговори со ЕУ веројатно по пресудата во Хаг
16 јуни 2011Шефот на унгарската дипломатија Јанош Мартоњи во својство на претседавач со ЕУ денеска пред Комисијата за надворешни рабори на Европскиот парламент зборуваше за напредокот на балканските земји кон ЕУ.
Општо земено, според проценката на претседавачот со Европската Унија, за што се согласија и европратениците, сите земји од регионот забележаа напредок во изминатиот период.
Успешното завршувањето на преговорите со Хрватска на крајот од jуни, кое што го посакуваат сите ќе има позитивен одраз врз другите земји кандидати и идни кандидати, како и на самиот процес на проширување. Но глобално ситуацијата во Западен Балкан не е иста насекаде. Има и негативни аспекти, бидејќи постојат реални ризици и закани за стабилноста на регионот.
„Не треба да се верува дека сите тешкотии сега се решени и дека иднината на регионот е сигурна. Потребно е да бидеме претпазливи, да ја следиме ситуацијата одблиску и да покажеме одговорност посебно во процесот на проширувањето.“, нагласи Јанош Мартоњи шефот на унгарската диопломатија.
Македонија и Грција ги приближиле позициите
Унгарското претседателство смета дека е од фундаментален инетерес да се најде решение за проблемот со името на Македонија, што ќе дозволи и почеток на преговорите, за што е потребен концезус од сите земји членки.
„Од двете страни сега ние слушаме дека позициите значајно многу се приближиле. Не знам кој е чекорот кој останува да се направи и колкава е разликата, но ова приближување дозволува да се заклучи дека е можно во даден момент две „паралели“ да се сретнат. Тие се блиски едни со други.“ , рече шефот на унгарската дипломатија.
Грчкиот европратеник Харлампос Ангуракис од редовите на обединетата левица рече дека очекувал многу повеќе од унгарското претседателство во однос на проблемот со името, изразувајќи надеж дека ќе дојде до приближување на „паралелите“:
„Се надевам дека тоа ќе се случи набрзо и дека нема да се чека уште многу долго да се реши проблемот со името на поранешната југословенската Република Македонија. Се надевам дека со тоа ќе има и подобрување на добрососедските односи меѓу Грција и ПЈР Македонија“.
Се чека одговорот од Македонија на предлогот на ООН
Кипарскиот европратеник Јоанис Касулидес смета дека Советот на ЕУ преку своите претседателства треба да се работи поенергично во изнаоѓањето на решенија за билатерланите проблеми.
„Бан Ки Mун при нашата посета на Њуорк ни рече дека Грција го прифати предлогот (на ООН) и дека сега се чека одговорот на ПЈРМ по изборите. Затоa прашувам дали ЕУ треба да делува поенергично за да се решат проблемите за да нема пречки во процесот на преговорите, како што видовме во случајот со Хрватска“, рече Касулидес.
Треба отворено да се зборува со Грција
„ Што се однесува за Македонија, мислам исто како и моите колеги: ние треба ефективно отворено да зборуваме со Грција за да знаеме дали може да се премине преку проблемот и да започнеме преговори. Во деведесетите години беше постигнат договор, кој имаше за цел да не го блокира приемот на земјата во меѓународните оргнаизации, ако се уште не најдено решение за името. Денес треба јасно да се зборува со Грција за овај проблем. Дали треба да се чека да процесот на преговори биде завршен за да Советот донесе одлука.“ , истакна германскиот европратеник Микаел Гахлер
Известувачот за Македонија Ричард Хоувит предупреди на ризикот дека при проширувањето може да се заборави на малите земји. Тој се интересираше дали и Советот на ЕУ го дели мислењето на комесарот Штефан Филе, дека дискусиите со Македонија можат да започнат до крајот на годинава. Британскиот европратеник, притоа потсети дека во Македонија успешно се одржаа парламентарни избори.
„ОБСЕ јасно заклучи дека изборниот процес беше крунисан со успех, далеку од она што се случуваше со минатото, затоа треба да се поздрават овие избори“ , нагласи Хоувит, притоа тој притоа побара билатералните проблеми да не се одразуваат на процесот на проширување.
Се чека на пресудата од Хаг
Во одговорот претседавачот со ЕУ, унгарскиот шеф на дипломатијата Јанош Мартоњи изрази согласност со европратениците, дека ЕУ треба да игра улога во решавањата на билатералните спорови, но претпазливо и со внимавање на одлуките на земјите.
„ Билатералните проблеми се најчувствителни прашања, ние сите сакаме да помногнеме и да охрабриме, и да ја пренесеме пораката дека е потребен договор и дека во спротивно ќе има последици. Но ние не можеме да го склучиме договорот ако двете страни тоа не го сакаат. Ниту една надворешна сила не може да наметне договор.“
За тоа, дали за Македонија ќе биде донесена одлука до крајот на годината, Мартони рече:
„За ПЈРМ ќе има пресуда во Меѓународниот суд на правдата во Хаг кон крајот на септември или октомври, ние понатаму ќе видеме која ќе биде политичката последица на ова пресуда врз постигнувањето на договорот. “
Автор: Тони Гламчевски
Редактор Симе Недевски