Одбележан 11 Октомври
12 октомври 2009Секоја генерација има свои битки, предизвици, идеали. Денешната битка не е за слобода, туку за европски стандарди и подобар живот. На 68 годишнината од денот на востанието Македонија е земја пред портите на НАТО, држава која очекува датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија.
Најголема препрека во евроатланските амбиции на земјата и натаму претставува спорот со Грција. „Ние добро знаеме кои сме и што сме. Ние сме Македонци, такви сме биле отсекогаш. Решението треба да биде на линијата на почитувањето на меѓународното право и документите на Обединетите Нации, односно правото на самоопределување содржано во Атлантската повелба. Ние сме подготвени да седнеме на заедничка маса со нашите соседи и да ги отвориме овие прашања, да разговараме и да бараме решение. Како политичари и јас и премиерот на Грција имаме обврска да бараме, да најдеме решение. Подготвени сме за интензивно барање решение и максимално конструктивно влегуваме во овој процес“, рече премиерот Никола Груевски на синоќешната свечена академија по повод 11 Октомври.
На академија присуствуваа државниот врв, дипломатскиот кор, првите луѓе на верските заедници, и владејачките партии, но немаше претставник на опозицијата.
Апел петокраката да остене на грбот
Едно од најгорливите прашања во внатрешната политика пак деновиве е промената на државниот грб. Сојузот на борците го искористи празникот за да побара петокраката да остане на грбот. Претседалот на Сојузот на борци Гавро Пановски порача: „Нашата ѕвезда беше во рамките на антифашистичката коалиција која ја поведе македонскиот народ. Ако тој момент не беше, ние немаше да доживееме самостојност и држава. Под оваа ѕвезда, животот го загубија 24.000 жртви и таа е симбол на антифашистичката војна“.
За македонските граѓани 11 Октомври е голем историски настан, темел на државноста, за младите ден на востанието, датум кога нивните предци ја почнале битката за слобода и сопствена држава. За малкумина е обичен празник, ден што треба да се искористи за одмор.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Александра Трајковска