1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОБСЕ констатира уназадување на демократијата во Украина

ЕМФ/бета/дапд29 октомври 2012

Во својот извештај по вчера (28.10) одржаните парламентарни избори во Украина, ОБСЕ критикува дека условите во предизборната кампања биле нефер.

https://p.dw.com/p/16Yx2
Фотографија: Getty Images

„Земајќи ја предвид злоупотребата на власта и претераната улога на парите на овие избори, изгледа дека демократскиот напредок којшто беше забележан во Украина назадува“, вели во соопштението претставничката на ОБСЕ, Валбурга Хабсбург Даглас.

Според ОБСЕ, за цели на предизборна кампања се злоупотребувале државни средства, финансирањето на партиите било нетранспарентно, а известувањето на медиумите за различни партии било неодмерено.

„Некои аспекти на предизборниот период претставуваат чекор назад во однос на претходните национални избори“, наведува ОБСЕ во своето соопштение.

Во Украина вчера се одржаа избори за 450 места во парламентот. Во кампањата не учествуваше опозиционерката Јулија Тимошенко, која од август 2011 година е на одлежување седумгодишна казна затвор поради злоупотреба на власта. Случајот на Тимошенко предизвика сериозна криза меѓу Украина и Западот, кој смета дека таа е затворена поради политички причини.

Според предизборните резултати по 50 проценти пребројани гласови, владејачката Партија на регионите е на прво место, со освоени 35% од гласовите, а следува коалицијата во која е и партијата на Тимошенко, со 22 проценти освоени гласови. На трето место е Комунистичката партија, традиционален сојузник на актуелниот претседател Виктор Јанукович, со 15% гласови. Прозападната партија Удар, која ја предводи боксерскиот шампион Витали Кличко има 13 проценти гласови, а екстремната десница Свобода - осум проценти гласови.