1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОБСЕ: Изборите во Украина беа во голема мерка демократски

АТ/ мф/миа/дв26 мај 2014

Набљудувачите на ОБСЕ ги оценија претседателските избори во Украина во голема мерка како демократски - со исклучоци на истокот на земјата. Пофални зборови стигнаа и од генералниот секретар на НАТО.

https://p.dw.com/p/1C79i
Фотографија: Reuters

Меѓународниот тим на набљудувачи упати пофални зборови до Украина поради одржувањето на претседателски избори кои според нив, „во голема мерка беа во склад со демократските норми“.

Меѓународната набљудувачка мисија, која беше предводена од ОБСЕ, во својот првичен извештај го осуди насилното затворање на локалните изборни единици од страна на вооружени групи, грабнувања, упади во приватни куќи и конфискување на опрема и изборен материјал, а нивната цел, според набљудувачите, била „скратување на правото на граѓаните да гласаат“.

Андреас Грос, шефот на набљудувачката делегација на Советот на Европа, истакна дека изборите биле спроведени исклучително квалитетно со што му се дава неоспорен легитимитет на новиот украински претседател Петро Порошенко веднаш да започне „внатрешен дијалог“ со сите граѓани во источните региони на земјата со цел обновување на довербата.

Неколку часа откако набљудувачите на ОБСЕ соопштија дека претседателските избори во Украина во голема мерка биле согласно европските норми, и покрај тоа што во некои делови од земјата не се одржа гласањето, стигна честитка од Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен.

„Пофалби за сериозните напори на украинските власти да организираат избори на цела територија“, се наведува во соопштението на Расмусен. Тој додаде дека членките на НАТО никогаш нема да ја признаат руската анексија на Крим и ја поддржуваат желбата на украинскиот народ да одлучува за својата иднина без мешање од страна.

Германската влада изрази исто така задоволство, што Украинците по повеќемесечна несигурност и хаос повторно избраа претседател на државата.