1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расправии во бугарскиот парламент за С. Македонија

ДТЗ
15 јуни 2022

Теодора Генчовска пред пратениците рече дека советник на премиерот испратил предлог со кој се ревидира бугарската позиција кон С. Македонија, но тој бил одбиен од МНР.

https://p.dw.com/p/4Cix4
Bulgarien | Kiril Petkov
Петков му предложи на Советот на министри сите предлози за Северна Македонија да бидат упатени до парламентотФотографија: BGNES

Со обвинувања за национално предавство, расправии и барања да се објават тајни документи поврзани со решавањето на спорот со Северна Македонија помина сослушувањето на шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска, која се повлече од функцијата, откако нејзината партија „Има таков народ“ (ИТН) излезе од владејачката коалиција. Генчовска, која обвини дека бугарската Влада води двојна политика кон Северна Македонија, денеска во бугарскиот парламент рече дека  постои проект за договарање на рамковниот став, испратен до МНР од страна на советникот за надворешна политика на премиерот Кирил Петков, чија содржина сугерира ревизија на бугарската позиција кон Северна Македонија.

Во документот, како што наведуваат бугарските медиуми, не е вклучен актуелниот став на Бугарија за македонскиот јазик, а не се вметнати ниту предуслови за гаранции од ЕУ дека ќе се почитува Договорот за добрососедство. Според Генчовска, МНР одбило да даде мислење за предлогот за промена на бугарската позиција, бидејќи се работи за погрешен документ.

Ветување

Генчовска вели дека бугарскиот премиерот Кирил Петков ветил дека ќе го укине ветото за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ до крајот на француското претседателство за време на негова средба со еврокомесарот Оливер Вархеји.

„Тоа беше на мојата прва средба со еврокомесарот Оливер Вархеји. На состанокот присуствуваа седум-осум луѓе од тимот на МНР и како и на сите состаноци, од оваа средба беше подготвен меморандум. Овој меморандум е отворен и го потврдува токму тоа што вие го поставивте во вашето прашање“, изјави Генчовска во одговор на прашање на лидерот на националистичката партија Преродба, Костадин Костадинов.

Петков ја префли топката во Собранието

Сослушувањето на Генчовска се фокусираше на шпекулациите дека бугарскиот премиерот Кирил Петков сам ќе ја смени позицијата на Бугарија кон Северна Македонија. За да се расчисти ситуацијата, Петков му предложи на Советот на министри сите предлози за Северна Македонија да бидат упатени до парламентот. 

Според него, Владата ќе расправа за одлука со која се предвидува за сите предлози од француското претседателство со Европскиот совет или од земја членка на ЕУ за темата со земјава да се расправа на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Бугарија.

„Секој предлог што се разликува од рамковниот став треба веднаш да се испрати до Народното собрание и да не се дава согласност додека се разговара по него. Доколку има негативна одлука, автоматски да се даде негативен одговор“, нагласи Петков.

 Teodora Genchovska
Шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска, која се повлече од функцијатаФотографија: Stipe Majic/AA/picture alliance

Бугарските медиуми пренесуваат дека во Собранието настанал проблем откако партијата „Има таков народ“ побарале да има затворена седница, додека нивните поранешни партнери „Продолжуваме со промените“ предложиле седницата да биде отворена. Тоа ја спречило министерката Генчовска да цитира тајни документи, што предизвикало жестока реакција во пленарната сала.

Генчовска лута на Османи

Шефицата на бугарската дипломатија пред пратениците рече дека изминатиот период имало надворешен притисок, заобиколување на министерството во преговорите и обиди да се забави или забрза времето од страна на Северна Македонија.

Таа му порача на македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи да разговара само со неа. „Откако ја презедов функцијата министер за надворешни работи при првата средба со него мојата прва реченица беше: 'Господине министре комуницирајте само со мене'. За жал тоа не се случи“, вели Генчовска. 

Османи, пак, на прес-конференција во Скопје оцени дека последната средба со Генчовска била една од подобрите што ги имале и бил направен прогрес како основа да се продолжи со преговорите. Меѓутоа, по излегувањето на партијата „Има таков народ“ и оставката на Генчовска, Османи вели дека сега се во очекување да видат како ќе ги продолжат разговорите.

„Се надевам дека бугарските политичари ќе се издигнат на нивото на задачата која ја имаат и нема да дозволат во Софија да се изгради споменик на гробот на најуспешната политика во ЕУ во последните 75 години, а тоа е политиката на проширување“, рече Османи. Тој вели дека граѓаните на Република Бугарија не сакаат да бидат кочничари на европска иднина на 18 милиони луѓе, бидејќи ова не е веќе прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите, ова е прашање дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива.