1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинителство: Нема елементи за кривична пријава во случајот Македонска банка

ЕМФ/макфакс/нова28 јуни 2014

Основното јавно обвинителство во Скопје соопшти дека нема основи да поведе кривична постапка против премиерот Никола Груевски по пријавата на СДСМ за случајот Македонска банка.

https://p.dw.com/p/1CRql
Фотографија: MIA

Јавното обвинителство оценува дека во конкретниот случај нема основи на сомнение дека пријавениот презел дејствија на влијание и да за таквите дејствија примил некаква имотна корист, се вели во соопштението на Обвинителството.

Притоа се наведува дека со цел да се проверат наводите во пријавата Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција извршило проверки, односно се обратило до Архивот на Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Централниот депозитар на хартии од вредност, како и до ликвидаторите на Македонска банка АД и брокерската куќа Макброкер АД.

„Иако нема докази дека пријавениот влијаел врз било кого со било какви дејствија, доколку постоело влијание и посредување врз мнозинството акционери во Македонска банка АД Скопје, за да ги продадат акциите од 51 проценти на Јовица Стефановиќ Нини и обратно истиот да ги купи, евентуално би се работело за ставот 6 од чл.359 од КЗ. Согласно чл.107 ст.1 т.3 од Кривичниот законик, доколку поминат десет години од извршување на кривичното дело, а во тој период не се преземе ниту едно процесно дејствие, во тој случај не може да се преземе кривично гонење. Тоа значи дека кога е поминат овој рок јавниот обвинител нема никаков правен основ да презема дејствија насочени кон проверки и истражување на било кој кривично правен настан, како што е и настанот наведен во кривичната пријава, дотолку повеќе што и кога е поднесена кривичната пријава застареноста на кривичното гонење веќе е настапена“, се вели во соопштението.

Воедно се истакнува дека до обвинителството било доставено вештачење на глас, изготвено во Република Србија, како и извршен превод на тоа вештачење на македонски јазик, а врз основа на претходно наведениот компакт диск, кое вештачење е извршено без наредба на овластен орган. Со оглед на тоа што, како што се вели, се работи за доказ кој е прибавен на незаконит начин, обвинителството не може да се впушти во правна анализа на истиот.

„И покрај она што е претходно наведено, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се впушти во проверка на основаноста на наводите во кривичната пријава и притоа е констатирано дека во конкретниот случај нема елементи ниту основи на сомнение дека се сторени пријавените кривични дела, ниту други кривични дела за кои се гони по службена должност, а воедно имајќи ја предвид констатираната застареност на кривичното гонење очигледно е дека во конкретниот случај постои околност која го исклучува гонењето, заради што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе одлука за неповедување на кривичната постапка“, се вели во соопштението.

СДСМ: Скандалозна и срамна е одлуката на Зврлевски

Социјалдeмократскиот сојуз по објавеното соопштение од страна на Јавното обвинителство, реагираше со оценката дека Јавниот oбвинител Зврлевски „оправдувајќи се со застареност, призна кривично дело во случајот милионски поткуп во којшто е инволвиран Никола Груевски“. Во писмената реакција на социјалдемократите меѓу друготo уште се вели: „Од денеска Груевски е амнестирано, аболирано и помилувано лице. Хаотичното соопштение на Основното јавно обвинителство ја покажува тоталната контрола на Никола Груевски врз судството и е класичен доказ дека во Македонија нема држава туку се е партија.“