1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама со гаранција за солидарност за источните НАТО-партнери

ЕМФ/дпа2 септември 2014

Американскиот претседател Барак Обама денеска (2.09) пристигнува во Талин на средба со шефовите на трите балтички земји, како и естонскиот премиер. Обама ќе даде гаранција за поддршката на САД за НАТО-партнерите.

https://p.dw.com/p/1D5DF
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Летонија, Литванија и Естонија, но и Полска и Романија, од почетокот на руското воено вмешување во Украина бараат поголемо присуство на НАТО во своите држави, поради загриженост за сопствените граници. По средбата во Талин, со претседателите на трите балтички држави и естонскиот премиер, Обама заминува на самитот на НАТО во Велс, каде кризата во Украина е исто така високо на агендата.

На самитот треба да биде донесена одлука за трупа под името „Врв на копјето“, која ќе биде дел од силите за брза интервенција на НАТО - НРФ, најави генералниот секретар на алијансата, Андерс Фог Расмусен. НАТО сака во рок од два до три дена да може да испрати свои трупи во источните земји членки, доколку тие се загрозени од Русија.

Украина ја обвинува Русија дека им дава поддршка на спеаратистите на истокот со оружје и борци, додека раководството во Москва тоа го демантира, Крвавиот конфликт трае од средината на април. Според проценки на ОН, оттогаш животот го загубиле најмалку 2600 луѓе. Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко до германската влада апелираше да ја снабди украинската армија со воена опрема. Раководството во Киев веќе три месеци попусто бара од НАТО поддршка, напиша Кличко во гостински текст во денешен „Билд“. Не се бараат ракетни фрлачи и оружје какво што германската влада сега ќе им достави на Курдите во северен Ирак, туку шлемови и заштитни елеци, пишува Кличко, додавајќи дека армијата не ја брани само Украина, туку и Европа и нејзините вредности.