Обама е вистинскиот претседател
7 ноември 2012Уште пред Мит Ромни да го признае изборниот пораз, германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле беше прв член на германската влада кој даде изјава за исходот од претседателските избори во САД. Тој во Њујорк, каде води разговори во ОН, направи биланс на првиот четиригодишен мандат на Обама: „Ние одлично соработувавме на надворешнополитички план, а имаме и многу заеднички планови“.
Во текот на изминатите две години е забележан напредок во политиката на разоружување, но мора да се направи нов енергичен чекор, изјави шефот на германската дипломатија. Гидо Вестервеле апелираше до американската влада и до Русија да ги приближуваат ставовите и да ја зајакнат безбедноста во светот со нови импулси за разоружување.
Истовремено, Вестервеле апелираше и за „повеќе слободна трговија“ меѓу Европа и САД. „За нас е тоа централно европско прашање“, нагласи министерот, додавајќи: „Протекционизмот мора да биде потиснат“. Вестервеле подвлече дека разговорите околу зона на слободна трговија треба да почнат најбрзо што е можно. „Со оглед на несигурноста во светската економија, немаме време за губење“, рече Вестервеле.
Германската канцеларка Ангела Меркел во честитката до резибраниот претседател на САД, Обама, ги истакна исто така добрите односи меѓу двете земји.
„Изминатите години тесно и пријателски соработувавме“, порача Меркел. Таа исклучително ги цени бројните средби со Обама и се радува што ќе ги продолжи разговорите со него. Меркел официјално го кани Обама во посета на Германија.
„Се радувам поради тоа што Обама останува на функцијата. Тој е вистиснкиот претседател за САД кој располага со потенцијал да ги обедини различните интереси, класи и ентитети“, истакна поранешниот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер. Според него, претседател како Мит Ромни би предизвикал дополнителен јаз во веќе и онака поделената земја.
Очекувањата од Обама сега веќе не се толку нереални како пред четири години, а тој нешто успеа и да оствари, на пример, здравствената реформа е еден вид мала револуција во САД, смета Штајнмаер.
Европа треба да се активира во зајакнувањето на трансатланстките односи, а САД во Источна Европа веќе не претставуваат никаква закана, истакнува тој.
И шефот на Партијата на зелените Чем Ездемир се радува на повторниот избор на Обама:
„Неговиот успех е добра вест за нас во Европа. Во САД имаме партнер кој го зборува истиот јазик како и ние“.
Американскиот народ донесе правилна одлука. Обама меѓутоа мора да ги исполни сите ветувања дадени пред четири години. Се надевам дека тој ќе тргне по патот на мир во однос на Иран и Сирија, а кон тоа би требало да се додаде и политиката на разоружување“, оценува шефот на пратеничката група на Партијата на левите во Бундестагот Грегор Гизи.