Обама го претстави својот „дрим тим“
2 декември 2008Новоизбраниот американски Претседател Барак Обама, официјално ја номинираше Хилари Клинтон за иден министер за надворешни работи на САД. На прес-конференцијата во Чикаго, Обама зборуваше за Клинтон како пријател, колега и советник, но исто така и силен противник во борбата за претседателската кандидатура во редовите на демократската партија. Таа ужива голема репутација и може да ги поттикнува интересите на САД во светот, рече Обама и додаде: „Горд сум што таа ќе биде нашиот иден државен секретар. Таа е извонреден Американец кој ќе ја ужива мојата целосна доверба. Хилари Клинтон ги познава повеќето од светските лидери, таа ужива голем респект и има јасна способност да ги промовира нашите интереси во светот. Именувањето на Клинтон е во насока на моите заложби за обнова на американската дипломатија и подобрување на врските со нашите сојузници“.
Поздравена номинацијата на Клинтон
Идниот американски министер за надворешни работи, пак, смета дека на земјата и се потребни повеќе пријатели, а помалку противници. САД според Клинтон, мора да ги употребат сите политички средства за обезбедување на мирот и стабилноста: „Американскиот народ побара нови насоки не само на домашен план, туку и напори за повторно позиционирање на САД во светот, како сила за позитивни промени. Мораме да тежнееме кон силна дипломатија во која ќе ги употребиме сите средства за изградба на односи со нови партнери, а помалку противници. Повеќе можности и помалку опасности за сите што бараат слобода, мир и просперитет“, рече Клинтон.
Номинирањето на Хилари Клинтон за иден американски државен секретар го поздравија американските сојузници. Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер во првичната реакција изјави дека станува збор за добар избор.
Гејтс останува и во тимот на Обама
Барак Обама инаку синоќа го соопшти и името на новиот министер за правда. Станува збор за Ерик Холдер, адвокат по професија. Сузан Рајс, која за време на кампањата на Обама беше надворешнополитички советник, ќе биде нов претставник на САД во ОН. Роберт Гејтс останува на функцијата министер за одбрана, а поранешниот генерал Џејмс Џонс ќе биде советник за безбедност на американскиот претседател.