Норвешка е европски првак
15 декември 2008На крајот на шампионатот, Норвешка остана неприкосновен владетел на европскиот ракомет - во финалето ја надигра Шпанија со 34:21. Резултатската неизвесност траеше само едно полувреме. Шпанија немаше доволен капацитет за да му се спротивстави на силниот норвешки состав. Сепак, Шпанките се главното изненадување и освежување во европскиот ракомет.
Германија не успеа да стигне до бронзениот медал
Во „малото финале“ Германија загуби од Русија со 24:21. Без повредената Грит Јурак, капитен, најдобар стрелец и стожер на екипата, шансите на тимот беа сведени на теоретски. Русинките имаа постојана резултатска предност, го освоија бронзениот медал, а Германија остана четврта.
Македонија во конечниот редослед е на седмата позиција, што е најдобро досегашно остварување. За ракометарка на првенството е прогласена Норвежанката Катрин Лунде. Германката Јурак е во идеалниот тим како најдобар десен бек.
Добри оценки за Македонија
На завршната прес конференција на Европската ракометна федерација беа изнесени позитивни оценки за Македонија, за Скопје и Охрид, како организатори на Европското првенство. Михајло Михајловски, претседател на Ракометната федерација на Македонија оцени:
„Овој шампионат ги исполни сите очекувања кои ги имаа не само гледачите во Македонија, туку мислам и во сите останати европски земји. Имаше многу скептици околу тоа како ќе помине Македонија и на резултатски план и на какво ниво ќе биде организиран шампионатот. Добивме доверба да го организираме шампионатот, а на крај и пофалби од страна на раководнита лица од Европската ракометна федерација. Комплетно го положивме испитот. “
Инаку, во Скопје беше извлечена ждрепка за бараж-двојките за учество на светското првенство во Кина, во 2009. година. Македонија ќе игра против Австрија, а Германија ќе бара место на мундијалот низ мечевите против Србија.