Нов човек, нова надеж
31 мај 2007Со недели во Светската банка се поставуваше прашањето дали Пол Волфовиц по аферата со непотизам за неговата животна сопатничка ќе се повлече или не. А, ако да, кога? Кога конечно соопшти дека заминува на 30 јуни, започна потрагата по негов наследник која не траеше долго. Вчера американскиот претседател Џорџ Буш за функцијата претседател на Светската банка го номинираше дипломатот и експерт за трговија Роберт Зелик. Тој најнапред ќе мора да чисти!
За Џорџ Буш овој втор избор ќе беше подобар од оној пред две години. Сепак во 2005-тата тој се реши за заменикот министер за одбрана Пол Волфовиц за шеф на Светската банка. Роберт Зелик остана со празни раце и налутено замина во Инвестментбанк Голдман Сакс. А, уште тогаш ќе беше соодветниот човек. За разлика од експерот за одбрана Волфовиц, Зелик располага со надворешно политичко и економско искуство. Беше топ – службеник и работеше во економијата.
Допрва ќе треба да потврди дали административно може да води толку голема и бирократска институција како Светската банка. Секако, ќе треба да се потпре врз поддршката на директориумот и извршниот одбор. Поддршка што Волфовиц никогаш не ја доби. Тој од почетокот беше погрешен човек на погрешно место.
Претседателот Буш овојпат направи добар избор. Дури и германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер, според информациите на „Њујорк тајмс„ е задоволен од новиот кандидат. Роберт Зелик во Германија го паметат по добро. Ја застапуваше американската влада во преговорите за германското обединување и играше позитивна улога.
За разлика од Волфовиц, Зелик не е хардлајнер во конзервативниот табор, ниту западен Месија кој верува дека ја открил вистината. Зелик е либерално-конзервативен. Негов голем поддржувач беше поранешниот шеф на американската дипломатија Џејмс Бекер чиј политички лајт-мотив гласеше: мора да се разговара и со непријателите!
Зелик, во наредните години, ќе мора многу да зборува и да преговара – со пријатели, критичари и повремено со критичари на Светската банка, зашто институцијата е во тешка криза, која има малку врска со Волфовиц, а многу повеќе со старите, надминати структури.
Банката мора радикално да се промени. Мора да се развие од поволен кредитен институт за корумпираните држави кои градеа брани и патишта и чии политичари работеа и за своите џебови. Во иднина Светската банка ќе мора многу повеќе да се концентрира врз битаката со сиромаштијата, а не само со давање кредити. Освен тоа, економските сили како Кина, Индија, но и Бразил имаат потреба од поголемо влијание во банката. Особено азиските држави се малку застапени. Ако овие млади економски сили не добијат повеќе право на збор, тогаш и банката бргу ќе се најде во ќорсокак, зашто веќе нема да ја претставува реалноста во светот. Радикални промени за институција со 10 илјади соработници. Спроведувањето на тие цели е ризик, но и шанса за Роберт Зелик и Светската банка.
Клаус Кастан