1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов почеток на Студената војна

Б. Георгиевски/З. Илиќ5 септември 2014

„Од денес повторно Студена војна“. Ова е насловот во најтиражниот германски весник „Билд“. Неделникот „Шпигел“ на сличен начин ги оценува заклучоците од Самитот на НАТО во Велс: Враќање во Студената војна!

https://p.dw.com/p/1D7gu
Фотографија: Reuters/Andrew Winning

Главна тема во коментарите во печатот на германски јазик е самитот на НАТО во Велс, на кој шефовите на држави и влади на Алијансата расправаа за конфликтот во Украина и односите кон Русија.

„Како некој да го свртел часовникот 50 години назад: НАТО се вооружува- за да ја запре новата руска глад за моќ на истокот на Европа! На самитот во Велс членките на НАТО постигнаа договор за нова стратегија на заплашување: повеќе трупи, повеќе маневри. Тоа е нова Студена војна!“, оценува Билд.

„НАТО сака да се врати кон своите корени. По самитот, НАТО повторно почнува онаму каде што застана пред 25 години: со одбрана на сопствената територија од можните напади од исток. По падот на Берлинскиот ѕид, сојузот себеси се сметаше за глобална безбедносна организација. Војните се водеа на некое друго место. Во Авганистан, на пример. За тоа беа потребни транспортни авиони, лесни оклопни и санитетски возила. Сега можниот противник повторно стои пред границата на истокот“, пишува „Билд“.

За танго се потребни двајца

„Студената војна се врати. Отсуството на тензии не траеше ни 25 години“, оценува „Шпигел“. „На овој ден ќе се сеќаваме. Тој му удри печат на новиот почеток на Студената војна. Од сега повторно владее лудачката воена логика. Тоа можеше да се спречи, доколку некој сакаше тоа да го спречи. Русите не сакаа, а ни ние на Западот не сакавме. За танго се потребни двајца, рече еднаш Роналд Реган за односите меѓу САД и СССР. Тоа важи за политиката на попуштање, исто како и за политиката на конфронтација. Сега заедно, рака под рака, чекориме назад кон минатото. Зад себе оставаме урнатини“, заклучува „Шпигел“.

NATO Gipfel in Wales 05.09.2014
Фотографија: Carl Court/AFP/Getty Images

Весникот „Велт“ од НАТО бара да покаже повеќе сила во односите кон Москва. „Не мора да му се биде благодарен на Путин затоа што го предизвика Западот не само во воена и економска смисла, туку и во морално-етичка, цивилизациска, како сојуз кој застапува одреден систем на вредности. Со оглед на незапирливата, автократска агресија, треба да престанеме себеси да се набљудуваме како глупави и слаби. И демократиите се способни за одбрана“, пишува „Велт“.

Вознемирена мирољубивата Европа

И „Рајнише пост“ бара поостар одговор кон Москва: „НАТО повторно се гледа себеси како сојуз. Откако рускиот претседател Путин кон Западот се однесува како кон непријател, партнерите во НАТО повторно се зближија. Важно е НАТО да говори со еден глас. Тоа може да остави впечаток врз Путин. Поради анексијата на Крим и испраќањето трупи во Украина, НАТО мора остро да му се спротивстави. Во тоа спаѓа и безусловната заштита на партнерите на НАТО во источна Европа. На НАТО му се потребни цврстина и издржливост. Доколку Путин попушти, тогаш НАТО треба да направи чекор кон него. Сѐ друго би било само харикири“, пишува Рајнише Пост.

„Конфликтот во Украина го става односот на Западот кон Русија на тешка проба. И покрај сите мировни планови и самити, сега доаѓа до развој на една експлозивна состојба. Мирољубивата Европа поради тоа е многу исплашена. Владее немир. На НАТО итно му е потребна нова стратегија - зборот ’заплашување’ одеднаш повторно се пишува со големи букви“, коментира „Вестфалише Нахрихтен“.