Нов курс на папата - нови кардинали, поглобална црква
23 февруари 2014Се работи само за едно писмо, но и тоа е нов доказ, во низата останати досегашни потези на папата Франциско, дека во Ватикан дуваат некои нови ветрови. Неколку дена по прогласувањето на 19-те нови кардинали, 77-годишниот поглавар на Римокатоличката црква писмено им се обрати на високопозиционираните претставници на клерот со зборовите:
„Кардиналската позиција не е ни унапредување, ни почест, а не е ни украс. Таа е едноставна служба која налага ширење на погледите и на срцето“. Новите кардинали, како што стои во писмото на папата, својата нова служба би требало да ја прифатат „со едноставно и скромно срце, без трошка световна суета“.
Глобален колегиум
Оваа порака инаку важи за сите свештеници ширум светот. Со својата прва инаугурација на нови кардинали откако дојде на чело на Ватикан, папата сака кардиналскиот колегиум да го направи уште поглобален и така на посебен начин да ја истакне структурата на Католичката црква како глобална, светска заедница. Истворемено, папата Франциско се опкружува со најблиски соработници од целиот свет - 122 кардинали воедно се и неговите најблиски советници. Покрај очекуваните, нови кардинали, како најважните и најблиски соработници на папата, надбискупите Пјетро Паролин и Герхард Лудвиг Милер, папата Франциско не ги заборави и католиците од Азија, Африка и Централна Америка.
Силно влијание од италијанскиот клер
Се‘ уште половината од кардиналите доаѓаат од Европа, иако само секој четврти католик денес живее на стариот континент. Иако кардиналскиот колегиум не е замислен како репрезентативно тело на застапеноста на верниците од цел свет, паѓа в очи дека неговиот состав не ги отсликува драстичните промени кои се случија во последните години кога станува збор за глобалната застапеност на Католичката црква.
Посебно се истакнува фактот дека од 61 кардинал од Европа, речиси половината (28) доаѓаат до Италија. Влијанието на италијанскиот клер како во Куријата, ватиканскиот државен апарат, така и во самиот кардиналски колегиум и натаму е огромно.
Денес повеќе од половината од католиците живеат на двата американски континенти, претежно во Латинска Америка. Од Латинска Америка, пак, доаѓаат само 19 кардинали. Тука папата Франциско сака да го прошири влијанието, поставувајќи по еден кардинал од Никарагва, Чиле и Хаити. Но, сепак највоочливи се настојувања на папата да делува глобално - идниот кардиналски колегиум ќе го сочинуваат и 14 карадинали од Африка и 12 од Азија. При последниот избор на папа, како што нагласуваа медиумите, се‘ уште не беше стигнато времето за на чело на Римокатоличката црква да застане поглавар од Азија или од Африка. Но, составот на кардиналскиот колегиум оваа можност ја прави се‘ поизгледна.