151009 Neues Museum
16 октомври 2009Шест децении Новиот музеј беше црна дамка на т.н. берлински музејски остров. Минатата пролет реновираната градба беше отворена пред публиката, а денеска, музејот прераснува во дом за археолошката збирка на Берлин. Пред дванааесет години британскиот Дејвид Чиперфелд ја доби задачата да ја реконструира зградата, која настрада за време на војната. За таа цел беа ставени на располагање 233 милиони евра.
Сите патишта во Новиот музеј водат нагоре, кон светлината. А таму, горе, во една од просториите е сместена „една од најубавите жени во Берлин“, со потекло од Египет: кралицата Нефертити. Нејзината биста стои во центарот на собата, директно под светлината што доаѓа одозгора, совршено осветлена, така што на нејзиното лице можат да се забележат трагите на жена во нејзините најдобри години. Убавицата ја дели просторијата со бронзената статуа на еврејскиот мецена Џејмс Сајмон, кој во 1920 година му ја подари на музејот бистата на Нефертити.
Фридерике Зајфрид, новата директорка на египетската збирка, на почетокот се двоумела дали сино обоената глава на кралицата ќе дојде до израз во просторијата, чии ѕидови се обоени во смарагдно зелена боја. Но, сега е сосема задоволна и воодушевена од резултатот: „Нефертити ја донесовме овде утрото на 4 октомври, сега си го најде конечното изложбено место и ова е најдоброто решение што постои. Совршено се вклопува во просторијата и мислам дека со ова заврши една одисеја.“
Музејскиот остров сега е комплетиран
Ова важи за многу објекти кои сега се вратија на нивното првобитно место во музејскиот остров во Берлин. На првиот кат од музејот, посетителот наидува на вовед во археолошката збирка, а го очекува и кратка историја на зградата. Во салата лево од фоајето, посетителот на ѕидовите ќе види познати германски изреки, како заднина за двете бакарни урни, првиот инвентар на музејот, основан пред 180 години.
Кулминацијата во музејот за предисторијата и раната историја се тројанските антиквитети, пронајдени од археологот Хајнрих Шлиман. Златото од Пријамовото благо и натаму се наоѓа во музејот Пушкин во Москва, но во Берлин може да се види среброто, кое Советскиот сојуз и` го врати на Германската Демократска Република во 1970 година. Матијас Вемхоф, директор на музејот за предисторија и рана историја вели: „Пријамовото благо е расцепкано, а еден голем дел има и тука, тоа е бронзен сад, тежок околу еден килограм, во кој било скриено златото.“
Во подземниот кат на музејот, првпат се остарува идејата за археолошка променада, што подземно ги поврзува сите музеи на музејскиот остров во Берлин. Архитектот Чиперфелд ги спуштил долу двете дворишта на музејот, египетскиот и грчкиот двор. Впечатливи сакрофази во едниот, скултурата на таткото на сите богови Зевс во другиот. Херман Перцингер, претседател на фондацијата за пруското културно наследство, вели: „Ова е одлична можност, станува збор за галерија, којашто ќе ја користат другите културни институции и државни музеи во главниот град како изложбен простор на интердисциплинарни теми.“
Автор: Сигрид Хоф / Трајче Тосев
Редактор: Александра Трајковска