1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови обвинувања на сметка на владејачката ВМРО-ДПМНЕ

6 април 2011

СДСМ, најголемата опозициска партија во Македонија, ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека со непрочистениот Избирачки список подготвува изборна измама. Критики на владина сметка упати и ЛДП, која не гласаше за Законот за пратеници.

https://p.dw.com/p/10oT6
Фотографија: PETR STOJANOVSKI

„Ја користиме оваа прилика уште еднаш да го предупредиме Груевски дека вака контроверзен Избирачки список ги потхранува сомневањата на јавноста дека на 5. јуни се подготвува изборна измама, кражба и манипулација со волјата на народот“, изјави Дане Талески, член на извршниот одбор на СДСМ. „Како е можно, спротивно на препораките на ОБСЕ за намалување на бројот на гласачи, благодарение на Груевски и ВМРО ДПМНЕ, Избирачкиот список да биде сe‘ поголем?“, праша Талески. Тој рече дека доколку Груевски се обиде да ги фалсификува изборите, „никој нема да може да го запре револтот на народот“.

Владејачката партија ВМРО- ДПМНЕ на ваквите изјави од СДСМ реагираше со контраобвинување.

„Манипулацијата со бројки, што ја направи Дане Талевски, е доказ дека во СДСМ немаат намера да ја говорат вистината, или е доказ дека тој зборува апсолутни невистини. Талевски треба се обиде да направи разлика меѓу две категории, а тоа е бројот на население што го има Република Македонија и бројот на државјани, согласно со регистерот на државјани“, изјави директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, како реакција на денешната прес-конференција на СДСМ.

Димовски посочи дека во Република Македoнија има над два милиони населениe, но оти во истовреме Република Македонија, според регистерот на државјани, има над два милионa и 400.000 државјани, а според Уставот право на глас имаат државјаните со наполнети 18 години.

Ваквиот пристап од СДСМ е доказ дека Црвенковски се обидува да си најде алиби за поразот што ќе го доживее на 5. јуни, рече Димовски.

ЛДП, единствената партија од опозицијата која не го бојкотира македонското Собрание, денеска не гласаше за Законот за пратеници, кој владејачката ВМРО-ДПМНЕ вчера го достави до Собранието.

НСДП, пак, смета дека во делот каде се наведува дека пратениците кои ќе го бојкотираат Собранието ќе земаат помала плата, треба да има санкции и за оние кои што не дебатирале на седниците.

Бојкотот треба да биде казнет од страна на избирачите

Mazedonien Wahlen 2009
СДСМ негодува поради зголемениот број гласачи во Избирачкиот списокФотографија: PETR STOJANOVSKI

И владејачката ДУИ денеска не гласаше за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за дополнување на Законот за пратеници. Според пратеникот Рафис Алити не е во ред да се казнува бојкот, туку народните избраници треба да бидат казнети од електоратот.

„Тоа што се предвидува со новиот закон за пратеници, односно да се казнува бојкотот не е во ред, бидејќи пратеникот треба да се казнува од електоратот. Бојкот може да има и надвор од парламентот и внатре во парламентот и треба да имаме предвид дека одлуките за бојкот не ги донесуваат пратениците, туку ги донесуваат политичките субјекти. Токму затоа ние гласавме против ваквото решение“, изјави Алити.

ДПА одби да го коментира Законот за пратеници. Токму пратениците од оваа партија ја бојкотираа работата на Парламентот од средината на 2009 година. Имер Алиу, портпарол на партијата и координатор на пратеничката група, одби да го коментира Законот со образложение дека тие се тука само технички да го поддржат распуштањето на Парламентот, но даде свое мислење за измените на Изборниот законик во делот на прекројувањето на шестата изборна единица. Најави дека ќе поднесат и амандаман општините Зајас и Осломеј да се спојат со петата изборна единица, а дел од петтата да се спои со четвртата.

Според измените, пратениците кои ќе ја претставуваат дијаспората ќе добијат службен стан и во исто време шест пати во годината ќе им се исплаќа надоместок за патни трошоци за да може да отидат во изборната единица од каде што се избрани и да контактираат со своите гласачи.

Автор: ТТ/ЕМФ/миа

Редактор: Симе Недевски