1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова надеж за регионална фудбалска лига

Драган Максимовиќ/бг4 мај 2015

Откако прославениот хрватски интернационалец Давор Шукер е избран во Извршниот одбор на УЕФА, се актуелизираше прашањето за формирање на регионална фудбалска лига

https://p.dw.com/p/1FIEc
Фотографија: Petr Stojanovski

Приказната за формирање на регионална фудбалска лига е стара повеќе од 10 години, а повторно се актуелизира со неодамнешниот избор на претседателот на Хрватскиот фудбалски сојуз, Давор Шукер во Извршниот одбор на УЕФА. Тој за средината на годинава најави разговори со сите претставници на клубови од регионот.
„Треба многу да се подготви и да се стори. Ги повикав сите претставници од регионот во последната недела од јуни, и ќе разговараме токму за таа тема“, вели Шукер.

Умерен оптимизам во БиХ

Никој се уште не може со сигурност да каже кои региони би ги опфаќала лигата, но сите се согласуваат дека на почетокот тоа би било ограничено на земјите од екс-Југославија. Проширувањето и на останатите земји од соседството би зависело од ефектите од натпреварувањето. Во фудбалските клубови во БиХ ја поздравуваат идејата, особено од финансиски аспект. Директорот на ФК Железничар, Алмир Гредиќ вели дека со лигата би се добило многу, особено од аспект на спортот и маркетингот. Но, спорни се инфраструктурата и законските решенија. „Стадионите мора да бидат на ниво на европските, а законската регулатива да се дефинира по прашањето на хулиганите на стадионите, санкциите, итн. Мене ме интересира дали луѓето ќе бидат безбедни при доаѓањето на стадионите?“

Galerie Fußball-WM-Torschützenkönige Davor Suker
Давор ШукерФотографија: Getty Images/AFP/Pedro Ugarte

Скепса во Србија

Клубовите во Србија и Хрватска генерално се за реализација на идејата, но се поставуваат низа прашања. Секретарот на белградски Партизан, Дарко Грубор смета дека оваа приказна нема реална основа со оглед дека темел на таквата лига треба да биде вклопувањето во календарот на УЕФА и со нејзино одобрение. „Тука добрата волја на клубовите не значи многу. Доколклу повлечете паралела меѓу фудбалот и кошарката, тие паралели немаат никаква основа. Фудбалот во Европа е поинаку организиран. Оттука таа идеја за транснационална лига најпрво мора да добие силна поддршка од УЕФА“.
Дел од челните луѓе на Црвена Ѕвезда сметаат дека формирањето на оваа лига би наишло на големо противење на навивачите на белградските, но и на хрватските клубови. Од Динамо и од Хајдук не добивме одговор на прашањето, но директорот на Динамо, Здравко Мамиќ неодамна ја поддржа иницијативата. „Кога пред неколку години реков дека сум за регионална лига, сите ме напаѓаа. Прашање е зошто нешто такво да не заживее. Вака малечки не сме му интересни на пазарот, а и приходите од ТВ правата би биле далеку поголеми“, рече Мамиќ.

Времињата се менуваат

Босанскиот новинар Дарко Ѓериќ потсетува дека неодамна и од УЕФА пристигнаа позитивни сигнали за вакви иницијативи. Претседателот на УЕФА, Мишел Платини оцени дека клубовите и федерациите се во големи долгови и дека освен повеќе пари, ваквата лига би обезбедила и подобар квалитет.
„Формирањето на оваа лига е единствен спас за клубовите. На поголем пазар од над 20 милиони луѓе полесно би се нашле спонзори. Секако важен е и безбедносниот аспект. Но, доколку ја погледнете Јадранската лига (во кошарка, н.з.), кој пред 15 години можеше да замисли дека Црвена Ѕвезда ќе игра во Загреб, а Цибона во белградски Пионир. Најмногу охрабруваат ставовите од УЕФА, и именувањето на Шукер во федерацијата“, вели Ѓериќ.

Serbien Krawalle beim Fußballspiel FK Roter Stern Belgrad - FK Partizan Belgrad
Безбедноста на стадионите останува најголем проблемФотографија: Reuters/M. Djurica

Македонија е иницијатор

Во 2001 година Јадранската лига се формираше од клубовите Босна, Будуќност, Цибона и Олимпија, а потоа прерасна во денешната регионална лига АБА, која ја сочинуваат клубови од екс Југославија. Идејата и за фудбалот датира од тие времиња, а дали ќе биде реализирана зависи од многу фактори, смета генералниот секретар на Српскиот фудбалски сојуз, Зоран Лаковиќ. Последен пат за тоа е разговарано на состанокот во Љубљана оваа година, и било договорено, предлогот на Фудбалскиот сојуз на Македонија за регионална лига да се испрати во УЕФА.
„Најпрво мора да одлучи УЕФА, а потоа сѐ друго. Безбедносниот аспект е еден од проблемите, но има и други кои треба да се решат за да се заокружи оваа приказна“, вели Лаковиќ.

Според некои најави, доколку се постигне договор за формирање на регионалната лига со поддршка на УЕФА, натпреварувањето би можело да започне во 2018 година. Кои земји би биле опфатени со лигата се уште е рано да се каже, но фудбалските клубови од поранешна Југославија на почетокот би биле сигурни учесници.