Нова ера на мир во Колумбија
27 септември 2016Со пенкало направено од патрон на куршум колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос и водачот на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК) Родриго Лондонo Ечевери наречен Тимоченко, му ставија крај на крвавиот конфликт. „Нашето минато беше пишувано со куршуми, а образованието ќе ја испишува нашата иднина“, гласеше пораката изгравирана на пенкалото. Сантос и Лондоно го потпишаа историскиот договор точно во 17:31 минута по локално време, со кој формално е завршен вооружениот конфликт кој трае веќе 52 години и во кој загинале најмалку 260.000 луѓе, 45.000 се водат како исчезнати, а 6,9 милиони лица се раселени.
Церемонијата на потпишувањето на мировниот договор се одржа во Картахена, град на брегот од Карипското Море. Како што кажа претходно колумбискиот претседател, тоа го симболизира преминот од насилството кон создавањето нова иднина за земјата.
По четирите години мировни преговори водени во кубанската престолнина Хавана, двајцата челници се ракуваа првпат на колумбиска почва пред стотици официјални претставници.
Пред свеченоста, Сантос потпишувањето на договорот го нарече „нов ден за Колумбија, нова етапа од нејзината историја, историја на земјата во која владее мир“, Конгресот на ФАРК кој се одржуваше минатата седмица во Ел Дијаманте, во центарот на Кагуан, историското упориште на бунтот, објави од своја страна дека „завршува војната со оружје, а започнува расправата со идеи“.
За да стапи на сила, мировниот договор уште треба на втори октомври да го потврдат гласачите во Колумбија. Според последните испитувања на јавното мислење, 62 насто од Колумбијците го поддржуваат договорот, а 25 проценти се против неговото потпишување.
Мировниот договор, кој има речиси 300 страници, е објавен, така што Колумбијците можат да го проучат пред да гласаат. Тие на втори октомври ќе одговараат со „да“ или „не“ на прашањето: „Го поддржувате ли договорот кој ќе го прекине вооружениот судир и ќе овозможува изградба на стабилна и трајна нација?“.
Меѓу присутните на потпишувањето на договорот беа и генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун, американскиот државен секретар Џон Кери, кубанскиот претседател Раул Кастро и уште десетици шефови на држави, главно од регионот.
За да ја покаже својата поддршка за договорот, Европската унија синоќа ја симна ФАРК од својот список терористички организации. Кери пак изјави дека Вашингтон, истотака, размислува за случен потег, и вети 390 милиони долари за Колумбија за да се поддржи мировниот процес.