1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ништо од „масовното“ признавање на Косово

19 октомври 2010

И три месеци по објавувањето на одлуката на Меѓународниот суд на правдата со која беше оценето дека независноста на Косово не е во спротивност со меѓународното право, новата држава досега ја призна само Хондурас.

https://p.dw.com/p/PhQs
Графити со благодарност за признавањето на независноста во ГнилањеФотографија: AP

Лоша или безлична стратегија, мал дипломатски капацитет за лобирање, силна пропаганда на Србија во светот, но и последните проблеми на внатрешен план се само дел од причините поради кои Косово секојдневно губи можност за нови признавања, оценуваат приштинските аналитичари. Рамуш Тахири наведува две главни причини поради кои досега изостана најавуваното „масовно“ признавање од страна на десетици држави, како што ветуваше косовското министерство за надворешни работи.

„Силната пропаганда на Србија против признавањето на Косово, како и претставувањето на проблемот како сецесија. Такви движења има насекаде низ светот и многу земји стравуваат од ланчана реакција“, објаснува аналитичарот Тахири. Тој вели дека земјата има и многу мал капацитет за лобирање, но и дека косовската не може да се мери со српската дипломатија на светско ниво.

„Во Приштина е изненадување што признавањата изостануваат иако Косово има поддршка од големите, пред се’ од САД. Признавањата не одат во саканата насока, но процесот не оди ниту наназад. Мислам дека со оглед на тоа што прогласувањето на независноста го прифатија мнозинството европски држави, нема причина тоа да не го сторат и африканските и азијските земји, иако дел од нив имаат добри односи и со Србија“, оценува Тахири.

Anerkennung Kosovo Graffiti auf einer Mauer in den Ostteil der Stadt Gnjilane
Фотографија: AP

Внатрешната нестабилност ги демотивира признавањата

Политикологот Дритон Љаичи вели дека аргументите против признавањето на Косово можат да се бараат и во внатрешните проблеми. Најпрво прекршувањето на уставот, заминувањето на Фатмир Сејдиу од местото претседател на државата, како и можните вонредни избори.

„Земјите кои сакаат да го признаат Косово треба да видат дека имаат партнери, дека Косово е економски и политички стабилно и дека имаат заеднички интереси“, објаснува Љаичи, кој не верува во можноста од масовно признавање.

Независноста на Косово беше прогласена на 17 февруари 2008 година, а досега земјата ја признаа 70 држави. Прв тоа го стори Авганистан, а последен Хондурас. Од ЕУ, Косово го признаа 22 држави, додека независноста засега не ја прифаќаат Романија, Грција, Кипар, Словачка и Шпанија.

Автор: Рефки Алија/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска