Нимиц носи „паметни идеи“
23 февруари 2010„Не носам нов предлог, поради тоа што мислам дека треба да одржам разговори во двата главни града и да видиме до каде сме. Но, имам идеи што можат да го помрднат процесот напред. Мислам дека висок приоритет е да ги забрзаме овие разговори и да донесеме некои одлуки и да видиме дали ќе можеме да направиме напредок во процесот“, рече медијаторот Нимиц, предсредбата со Милошоски.
Нимиц кратко објасни дека се работи за „паметни идеи“ и дека преферира да не соопшти детали. Посочи дека меѓународната заедница очекува скорешно решение на спорот.„Меѓународната заедница сака да го види прашањето решено. Не само што ова е билатерално и регионално прашање, туку е прашање со многу димензии и треба да видиме што можеме да постигнеме“, рече Нимиц, изразувајќи оптимизам дека наскоро ќе дојде до решение за спорот.
Премиерот Груевски не сака да прогнозира
Специјалниот пратеник на ОН во Скопје останува два дена, пред да се упати кон Атина, а главната средба во Македонија го очекува утре, кога на дневниот ред е разговор со македонскиот премиер, Никола Груевски.
Премиерот, пак, вели дека македонската страна е широко отворена, со позитивен и максимално конструктивен пристап за наоѓање решение за проблемот за кој е дојден посредникот Метју Нимиц. Премиерот не ги кажа своите очекувања од средбата со Нимиц, оценувајќи дека е неблагодарно да прогнозира додека посредникот е во Скопје и додека траат разговорите.
„Би се задржал на изјавата на Милошоски од синоќа - се надеваме дека неговото сегашно и идните негови присуства ќе дадат одреден резултат и придвижување на процесот. За детали се надевам тој денеска и утре ќе даде изјави, да не прејудицирам додека е тој дојден во Македонија“, истакна Груевски.
Автор: МИА, Макфакс
Редактор: Трјаче Тосев