Никој не сака да инвестира во Романија
6 јануари 2013Смрди на масло и хемикалии. Почвата на теренот на некогашната хемиска фабрика на западот на Романија е загадена и мора да биде отстранета. Санирањето чини околу 20 милиони евра. Парите во најголем дел се од ЕУ. Нови инвеститори треба овде да ги создадат итно неопходните работни места. Управата работи чесно, уверува надлежниот од локалната управа. Флорин Ѓурѓ заменик-градоначалник на Калан истакнува:„Потенцијалните инвеститори не треба да се плашат во однос на корупцијата. На локално ниво во нашата општина нема корупција. Ве уверувам, кај нас во општина Калан нема корупција.“
Недостиг на политичка волја
Новиот приклучен пат за поврзување на идната индустриска зона со автопатот уште се гради. Изградбата на инфраструктурата вистински зема замав дури од пред две-три години, иако ЕУ со години става на располагање милијарди за нови автопатишта. Изградбата досега ја спречуваа недостигот од политичка волја, погрешните планирања и корупцијата. Забелешки има и Стопанскиот клуб на инвеститори од германското јазично подрачје.
„Колегите, кои работеа со државата, многумина се незадоволни од тоа како се одвиваше изборот на изведувачи, како беа обработувани нивните понуди. Многумина ми рекоа - еднаш и никогаш повеќе. Но, во приватното стопанство многу наши фирми, кои работат за извоз, веќе немаат проблеми со корупцијата.“, вели Петер Хохмут претседател на Германскиот стопански клуб Банат.
Најнизок интерес досега
Тоа го потврдува и фирмата „Катрајн“. Ова германско претпријатие веќе 20 години во Романија произведува антени за мобилна телефонија. Тоа се’ уште бара многу рачна работа, а таа таму е евтина. Работник месечно во просек заработува околу 300 евра бруто. Платите навистина растат од година во година, но само во висина на инфлацијата. Директорот на фабриката смета дека неговите работници се задоволни, оти претпријатието плаќа и додатоци. „Има еден оброк, бесплатен превоз до фабриката, паричен додаток за Велигден, Божик и за годишен одмор.“, истакнува Дан Томин, генерален директор на „Катрајн-Романија“ .
Работната рака и покрај тоа е евтина, но тоа веќе не ги примамува инвеститорите. Многу индустриски зони, како оваа во близина на Темишвар, остануваат празни. Во тековнава година, според проценките, во Романија се инвестирани околу една ипол милијарда евра. Тоа е досега најниска сума за последните 9 години.
Затоа ќе биде тешко за новите индустриски зони, како на теренот на хемиската фабрика: до денес се’ уште не се јавил ниту еден интересент, кој би сакал да инвестира овде.