Никој не знае што да очекува од Трамп во ОН
19 септември 2017Дури и во вообичаени околности, тешко е да се убедат дипломатите и функционерите отворено да говорат за актуелниот жител на Белата Куќа и креатор на американската надворешна политика. Но, претседателот на САД е човек кој ги нарече ОН „клуб за луѓе кои се собираат, разговараат и се забавуваат“ и побара драстично кратење на придонесот на Вашингтон кон нејзиниот буџет. Во ерата на Доналд Трамп, не постојат нормални околности.
Оттука и не беше големо изненадување тоа што од десетина функционери од повеќе членки на ОН со кои сакавме да разговараме во Њујорк, никој не беше подготвен да зборува официјално за очекувањата од првиот настап и говор на Трамп пред Генералното собрание на ОН. Но и анонимно, дипломатите од целиот свет се воздржани и колебливи во коментарите за очекувањата од Трамп.
Генералниот впечаток споделен од функционери од Северна Америка, Европа, Африка и Азија е олеснување што Трамп воопшто доаѓа во ОН и учествува во работата на Генералното собрание. Тоа можеби не е ништо посебно, но со оглед на анти-ОН реториката на Трамп и неговата политиката „Америка прво“, неговата посета на најважната светска мултилатерална организација би можела да се толкува како мал, но важен чекор.
„Добро е што се ангажира. Подобро е отколку да не го прави тоа“, вели еден функционер.
Дополнително, важно е да се нагласи дека Трамп нема да ги посети ОН само за својот говор, туку ќе дојде уште ден претходно за заедно со други земји (Германија и Велика Британија) да го презентира предлогот за реформа на организацијата.
Тоа повторно може да се гледа како сигнал во два правци. Прво, Трамп, и покрај изолационистичката реторика, гледа некаква улога за реформирани ОН. И второ, дека и натаму посакува САД да играат клучна улога во меѓународните односи кои ги надминуваат неговите тесно дефинирани национални интереси.
Критика за ОН
Тоа сепак не значи дека Трамп нема да ги критикува ОН во неговиот настап. Напротив, речиси сигурно ќе го стори тоа. Но, би можело да значи дека претседателот на САД е подготвен на „дилови“ со ОН и со земјите-членки и дека кратењето на придонесите кон ОН нема да бидат толку драматични како што се стравува. За разлика од дипломатите и функционери кои се молчаливи во однос на Трамп, локалните жители во центарот на Менхетн каде што се наоѓа седиштето на ОН, немаат таков проблем.
„Многу сме среќни и горди што ќе дојде во овој регион“, вели Џон Хаким, сопственик на мала пицерија на еден блок оддалеченост од седиштето на ОН. Овој 32-годишен христијански Копт од Египет во САД дошол пред седум години, а пицеријата ја отворил во јули годинава, токму навреме за големиот собир.
„Ќе дадеме сѐ од себе да ги услужиме сите и се надеваме на добра работа“, вели Хаким.
Во однос на неговите политички гледишта, угостителот ги покажува и своите дипломатски вештини.
„Не ме интересира политика. Јас сум американски граѓанин. Ја сакам својата земја. Го сакам својот претседател“, вели Хаким, додавајќи дека доколку Трамп дојде во ресторанот ќе му сугерира да ја проба пастата со пилешко или фетучини со ракчиња.