1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

(Не) се нудат пари за признавање на Косово

13 септември 2011

Одредени изјави по самитот на неврзаните земји во Белград, за наводно нудење пари од страна на официјална Приштина за признавање на независноста, ја разбрануваа јавноста и во самото Косово.

https://p.dw.com/p/12Xtc
ПриштинаФотографија: Filip Slavkovic

Потсетувајќи дека лобирањето подразбира широк спектар на активности, што почнуваат од политички, правни, пријателски, дипломатски, интересни, стратешки, религиозни и други причини, Бељуљ Беќај, аналитичар од Приштина, смета дека лобирањето не може да се заснова само на пари, иако тие се и тоа како значајни.

Според неговото мислење, правната причина, која произлегува од заклучокот на Меѓународниот суд на правдата, е доволно јасна и убедлива дека се лобира на успешен начин, а „прашањето за парите може евентуално да биде споредна работа, што произлегува не од лични, туку од обврската што ја има државата кон стратешката цел, како што е борбата за признавање на независноста на Косово“.

Unabhängigkeitserklärung des Kosovo erwartet
Експертите сметаат дека Косово нема толку многу пари со кои би се платило признавањето на независностаФотографија: AP

Косово нема финансиска моќ за купување на признавањето

„Колку што знам, мислам дека тоа се преувеличува. Прво, да бидеме на чисто, Косово нема таква финансиска моќ, која би била насочена кон признавањето. Ако имаат толку пари, тогаш ќе ги зграбаат за себе, и веројатно грабале за себе, а не за борбата за признавање на косовската држава“, вели Беќај.

Од друга страна, Ненад Зејак, долгогодишен новинар и сегашен дописник на белградска „Правда“, смета дека парите за таквиот начин на лобирање, односно подмитување, се добиваат и од стока што без никаква царина и даноци се увезувала на Косово, во јужниот дел на Митровица. Според него, станува збор за „околу 100 милиони евра, што е доволно не само да се финансира признавањето од десетина африкански, туку и за признавањето од сите европски земји“.

Library in Prishtina, Kosovo
Косово е признаено од 82 земји во светот - му треба двотретинско мнозинство за да биде примено во ОНФотографија: Zulfija Jakupi

„Покрај тој податок, моќниот Беџет Пацоли, преку синџирот на свои претпријатија и сметките од Швајцарија, а за тоа зборува и Викиликс, и врските во Москва и Србија, има можност и самиот од својот џеп да го финансира признавањето на косовската независност, а на тој начин, во секој случај, го решава и прашањето на својата фотелја во косовската влада“, тврди Зејак.

Косово го признаа 82 земји, а за да биде примено во ОН, тоа треба да го сторат две третини од членките на оваа меѓународна организација. Меѓутоа, се поставува прашањето дали тој број на држави воопшто нешто значи или е тоа само обична статистика, со оглед на тоа што земјата останува блокирана и не може да влезе во ОН додека не ја признае Србија, а со тоа и земјите што го поддржуваат Белград.

Русија ќе стави вето

„Две третини е доволно, но прашањето е како да се убедат членките на Советот за безбедност, бидејќи сето тоа минува низ Советот за безбедност. Доколку се зголемува бројот на признавања, логично е да се расудува дека и членовите на Советот за безбедност нема да можат рамнодушно да се однесуваат кон така големиот број. Доколку и членовите на Советот за безбедност дадат согласност, тогаш е сосема логично дека и Србија ќе се помири со реалната ситуација. Сепак, тоа е работа која има не само фактичко, туку и меѓународно признавање“, убеден е Беќај.

UN-Sicherheitsrat 2011
Србија се надева на ветото на Русија и други земји - членки на Советот за безбедностФотографија: AP

Зејак верува дека и под претпоставка две третини од земјите членки на ОН да го признаат Косово, поради сојузниците на Србија и нивното право на вето, ќе биде многу тешко Приштина да добие столче во оваа меѓународна организација.

„Сосема е извесно дека, што се однесува до Советот за безбедност, според она што следи од досегашната политичка пракса на Москва, нема да има зелено светло за членството во ОН, бидејќи Русија сосема сигурно ќе стави вето на такво нешто. Останува онаа друга страна на тој медал, а тоа е: дали Србија ќе ја признае косовската независност? Очигледно Србија тоа нема да го направи“, заклучува Зејак.

Автор: Рефки Алија/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска