Неуспех на американскиот Самит
16 април 2012Несогласувањата околу Куба го блокираа донесувањето на заедничка декларација на самитот на лидерите од Северна и Јужна Америка, кој заврши во Колумбија. Наспроти противењето на САД и Канада во иднина да се повикува Куба, мнозинството држави побараа прекин на санкциите кон комунистичката држава.
Големото мнозинство држави-учеснички на самитот инсистираат во иднина и Куба да биде присутна на собирите од овој тип, но наишле на противење од САД и Канада. Американскиот претседател Барак Обама ја правдаше блокадата на Куба со непостоењето демократија на комунистичкиот карипски остров. Сличен епилог имаше и претходниот самит одржан во 2009-та година во Тринидад.
Недоразбирања на самитот се јавиле и околу претензиите на Аргентина кон Фолкландските острови. Мнозинството земји побарале проблемот да се реши преку дијалог, додека САД се изјасниле за неутрални во спорот.
Третата точка околу која земјите не успеале да најдат решение била борбата против недозволената трговија со дрога. Повеќе држави предводени од Гватемала побарале декриминализација на одредени лесни видови дрога, за да се олесни борбата против трговците со наркотици, која предизвикува хаос во Централна Америка. САД се спротивставиле на оваа иницијатива.