1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

"Нерешениот статус – кочница за натамошниот развој на Косово"

5 септември 2007

Интервју со шефот на УНМИК Јоаким Рикер

https://p.dw.com/p/Bbf3
Јоаким Рикер, шеф на УНМИКФотографија: ©UNMIK DPI

Прашање:

Господине Рикер, Вие сте една година на Косово како шеф на УНМИК. Што се смени во таа година?

Одговор:

Тоа беше година богата со многу настани. Секако се надевавме дека процесот околу конечниот статус на Косово ќе биде доведен до крај. Тоа меѓутоа се‘ уште не се случи, преговорите продолжуваат понатаму. Но, сега пораснаа уште повеќе очекувањата преговорите за статусот да бидат успешно завршени. Очекувањата беа и претходно големи, но сега се уште поголеми.

Прашање:

За што всушност сега уште се преговара? Постои предлогот на Марти Ахтисари, постои цврстата позиција на Албанците со барање за независност, и позицијата на Србија е јасна. Каде гледате простор за дипломатско посредување на Тројката?

Одговор:

Тројката тоа мора самата да го пронајде. Слушнавме дека нејзините преговарачи велат оти тоа зависи всушност од страните во конфликтот, од Приштина и од Белград. Косовските Албанци се скептични во тој поглед, бидејќи велат оти во првите преговори фактички ги дале сите можни отстапки што се однесува до позитивната дискриминација, односно малцинските права на Србите во покраината. А што се однесува до конечниот статус, околу тоа не можеме воопшто да преговараме – велат косовските политичари. Но, можам да ви ветам дека преговарачкиот тим од Приштина ќе оди сепак со добри намери во продолжението на преговорите, па ќе видиме што ќе донесе тоа до 10. декември.

Прашање:

Гледате ли Вие некоја друга можност освен планот на Ахтисари?

Одговор:

Планот на Ахтисари е се‘ уште на маса, тоа е резултатот на досегашните преговори и секако ќе игра некоја улога. Важно е да се потсети дека Ахтисари ги водеше преговорите повеќе од една година и тоа со голема прецизност и промисленост, тоа го знае секако и Тројката. А и генералниот секретар на ОН го означи планот на Ахтисари како концепт што ги содржи сите важни елементи за решение на проблемот. Покрај сето тоа еве сега ја имаме таа фаза на дополнителен ангажман на меѓународната заедница и треба да причекаме да видиме што ќе донесе таа.

Прашање:

Гледате ли ризик од еднострано прогласување независност од страна на Албанците на Косово?

Одговор:

Не сакам да шпекулирам околу иднината. Косовските Албанци, преговарачкиот тим од Приштина веќе влезе во следната фаза од преговорите и таа ќе трае до 10. декември. Не сакам да шпекулирам што би можело да се случи потоа.

Прашање:

Каква е Вашата проценка за поготвеноста на насилство кај обете страни во конфликтот, во случај да биде донесено решение што не им се допаѓа? На пример, ако Советот за безбедност каже: еве тоа е конечното решение, а тоа не и‘ се допадне на една од страните. Чувствувате ли под површината вриење што би можело да се претвори и во насилство во таков случај?

Одговор:

Тоа е навистина многу хипотетичко прашање. Можам да кажам дека планот на Ахтисари беше на маса, но Советот за безбедност во јули не го прифати како подлога за натамошниот развој. Според мое мислење меѓутоа планот на Ахтисари беше соодветен за овде да наиде на прифаќање. За косовските Албанци тоа беше многу силен компромис, бидејќи количеството позитивна дискриминација односно права за Србите е единствено во целиот свет. Секако има добра причина зошто е така.

А според мене и Србите на Косово беа согласни со суштината на планот на Ахтисари, секако не што се однесува до независноста, но затоа со одделните суштински елементи, како што се самоуправата, заштитата на малцинствата исл.

Прашање:

Да се вратиме уште еднаш на економската ситуација. Зошто на тоа поле се случува толку малку, господине Рикер? Бев во Косовска Митровица, на пример, таму од левата страна е рафинеријата. Нејзе секако можеше со мали напори да ја одржат во функција. Наместо тоа, таа р‘госува. Зошто?

Одговор:

На економски план немаме комплетна стагнација, сепак забележуваме стапки на пораст, но тоа е незадоволително. Тоа се должи на фактот дека без решавањето на статусот на Косово инвеститорите се воздржани. Актерите на стопанскиот живот го чекаат решавањето на политичкиот статус. Можам да ви дадам многу такви примери. Еден од нив е фактот дека имаме соработка со ММФ, имаме писмо за намери, се придржуваме до она што Фондот го препорачува на полето на макро-економската и фискалната политика, но немаме можност да добиеме кредити од ММФ се‘ додека не се реши проблемот со статусот. Можам да Ви дадам неброени такви примери од полето на економијата, а тоа се однесува и на другите аспекти од животот. Дури гледам опасност од назадување на разни полиња...

Прашање:

Обичниот човек од улица, кој е во потрага по работа, дали него исто го интересира прашањето на статусот или е тоа висока политика што него не го засега?

Одговор:

Според моите искуства, обичните луѓе многу добро знаат дека натамошниот економски успех зависи од прашањето на статусот. Тоа не значи дека статусот ќе ги реши сите проблеми, но јасно е дека натамошниот развој сега зависи од разрешувањето на прашањето на статусот. И тоа луѓето го знаат.

Прашање:

Господине Рикер какво е сега расположението на Косово?

Одговор:

Луѓето се уморни и исфрустрирани, владее напнатост, тие знаат дека статусот се‘ уште не е решен, иако тоа им беше ветено многу пати до сега, дури и од меѓународната заедница. Затоа сме сега дојдени до точка на која луѓето не само што почнуваат да ја губат довербата во нивното политичко раководство, туку и во меѓународната заедница.

Прашање:

Дали би било тогаш неопходно Советот за безбедност да донесе решение?

Одговор:

Тоа секако би било добро, но мене не ми прилега да го критикувам Советот за безбедност. Тој не донесе одлука околу статусот на Косово, но наша обврска овде е заедно со нашите партнери да ја држиме ситуацијата под контрола, а тоа станува се‘ потешко!

Прашање:

Со оглед на економската ситуација за која веќе зборувавме, каде ги гледате најголемите успеси на УНМИК до сега?

Одоговор:

Треба да се види дека УНМИК во изминатите осум години не само што пружи директна помош за обнова по војната во 1999-та година, туку и дека заедно со партнерите ги создава темелите за функционална демократија, правна држава и пазарно стопанство. И тоа не е малку.

Прашање:

Тие не функционираат баш најдобро, за тоа мора уште да се поработи, нели!?

Одоговор:

Добро, тоа не е соврешено, но сепак создадовме темели и во принцип овде имаме функционална демократија, правна држава и пазарно стопанство! Елементот кој сега треба да дојде е политичкиот статус.