Нереални опции за независност на северот на Косово
22 ноември 2011Во пресрет на продолжението на дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел, се појавија најави дека Србите од северот на Косово би можеле да прогласат независност доколку нивното прашање не се реши во согласност со Уставот и законите на Србија. Таквата опција не ја исклучува ниту претседателот на општина Лепосавиќ, Бранко Ниниќ. Но, според него, во моментов тоа не е реално.
„Во моментов не е реална, но во иднина може да биде. Ние очекуваме меѓународната заедница да почне со решавање на проблемите кои се случуваат во последните четири месеци“, вели Ниниќ.
За претседателот на Собранието во општина Звечан, Добросав Добриќ, статусот на Косово е решен со Резолуцијата 1244 и никакви прогласувања на независност, ниту од Албанците, ни од Србите не се во согласност со неа.
„Ние се наоѓаме во Република Србија, и според Резолуцијата 1244, до конечното решавање на статусот има време. Сигурен сум дека Србите и Албанците можат да се договорат да живеат во мир и да се договорат околу статусот на Косово“, вели Добриќ.
Шпекулациите ги отфрла и потпретседателот на Собранието на српските општини во Косово, Марко Јакшиќ. Според него, Косово е дел од Србија и таквите шпекулации не се сериозни.
Доцна е за такви предлози
Потпретседателот на Собранието на Косово, Петар Милетиќ вели дека ваквите најави се нереални и лоши.
„Она што е најважно е да продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина. Јас сум сигурен дека во еден отворен дијалог можат да се најдат решенија. Не верувам дека таа приказна има било каква сериозна основа“, вели Милетиќ.
Според приштинскиот аналитичар, Љеон Маљазогу, предлогот е задоцнет, а прогласување на независност на северот на Косово не би имало никаков ефект на теренот.
„Времето за такви предлози помина. Тие требаше да бидат разгледувани пред Ахтисари да си ја заврши работата. Сега треба да се разговара, како со детали, да се надополни планот на Ахтисари, и на северот да му стане прифатлив овој план“, вели Маљазогу.
Автор: Зулфија Јакупи/БГ
Редактор: Симе Недевски