1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коалиција на спротивставените

Јанис Пападимитриу/З. Јордановски27 јануари 2015

Спротивностите се привлекуваат: Алексис Ципрас, првиот левичарски премиер во историјата на Грција, стапи во коалиција со деснопопулистичката партија „Независни Грци“ (АНЕЛ). Една тема одамна ги обединува двете партии.

https://p.dw.com/p/1ER6U
Фотографија: AFP/Getty Images/L. Pitarakis

Овој политички брак не е целосно изненадувачки. Десните популисти, исто како и левичарската Сириза, жестоко се противат на мерките за штедење наметнати од страна на Тројката, составена од претставници на ЕУ, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, и во некои пригоди ги означуваат меѓународните кредитори како „окупатори на Грција“. АНЕЛ, токму како и левичарите, со голема ревност ги подржува барањата за исплата на репарации од Германија за штетите од Втората светска војна. До зближување меѓу двете партии дојде уште кога тие во 2012 година гласаа против програмата за штедење што ја претстави тогашниот премиер Андонис Самарас. Од тој момент тие веќе избегнуваат меѓусебни напади во парламентот. Сега „Независните Грци“ му служат на новиот премиер Ципрас за обезбедување парламентарно мнозинство.

Во програмски поглед двете партии, и покрај заедничките позиции во однос на политиката за штедење, кај централните прашања многу се разијдуваат. Десните популисти се против одвојувањето на црквата од државата, се залагаат за даночни олеснувања за поттик на инвестициите и за протерување на мигрантите кои немаат лични документи. Сите тие барања се неприфатливи за најголемиот дел од избирачите на Сириза.

„Меѓу двата политички табора има темелни разлики, првенствено во надворешната и во политиката спрема мигрантите. Тоа секако ќе падне в очи во работата во политичкото секојдневие“, оцени во едно телевизиско интервју Алексис Папахелас, директор на либерално-конзервативниот весник „Катимерини“. Тој верува дека фактот што овие партии коалицираат, во странство ќе се оцени како знак за непопустлива позиција спрема кредиторите. Од друга страна, укажа и оти „не треба да се заборави дека во текот на економската криза политиката постојано приредуваше изненадувања. Често доживеавме некој политичар, откако ќе стане член на владата, да го менува и своето мислење“.

Syriza Unterstützer Feier 25.01.2015 Athen Transparent Troika
Поддржувачи на СиризаФотографија: picture alliance/ZUMAPRESS.com

Во АНЕЛ нема плурализам на ставови

Кај „Независните Грци“ (АНЕЛ) по правило има само едно мислење - на шефот на партијата Панос Каменос. Некогашниот министер за поморство ја основа својата трупа во 2012 година, откако мораше да ја напушти конзервативната Нова демократија поради своето гласно одбивање на политиката на штедење. Во АНЕЛ денес членуваат повеќе лица познати во јавноста, како телевизискиот водител Теренс Квик, некогашната „Мис на Грција“ Хелена Кунтура или Павлос Хаикалис, еден од најомилените грчки комичари. Во Европскиот парламент грчките десни популисти се блиски со британската партија УКИП, која гласно негодува против европската интеграциона политика. Во фракцијата „Конзервативни и реформатори“ во парламентот на ЕУ пратеникот на АНЕЛ Нотис Мариас е заменик-претседател, што не го спречува да посетува и прес-конференции на Сириза во европарламентот.

Шефот на АНЕЛ Панос Каменос во лични контакти знае да биде многу пријателски настроен. Но, малкумина во Грција му се рамни кога е во прашање водење популистичка предизборна кампања. Неколку дена пред неделните (25.01.2015) вонредни парламентарни избори тој крена врева против „диктатот за штедење“ од страна на меѓународните кредитори и против се’ поголемата сиромаштија во Грција, која многу луѓе принудува да емигрираат. „Ќе ги вратиме вашите деца повторно дома“, вети тој пред видливо трогнатата публика. Во политичката страст пратеникот на АНЕЛ Никос Николопулос воопшто не заостанува зад својот шеф: на предизборен митинг во Пелопонес тој грмеше дека се бори за „ослободување на земјата“ од кредиторите, за Грција да си го врати националниот суверенитет. На своите избирачи Николопулос им вети „Европа на народите“ како контраконцепт на „диктатурата на пазарите“.

Грешки и промашувања

Шефот на партијата Каменос одамна е на глас како специјалист за надворешна политика чии ставови се спорни. Во декември 2011 година тој се појави на воен суд како неповикан бранител на елитните војници кои беа обвинети поради расистички и подбуцнувачки пароли. Во 90-тите години на минатиот век шефот на АНЕЛ објави книга за меѓународниот тероризам, која тогаш го сврти вниманието, а сега му предизвикува главоболки: досега непознатиот автор, кој го составил текстот на книгата, си го бара наводно се’ уште неисплатениот хонорар. Уште полошо: веројатно станува збор за Јоргос Георгалас, националистички определениот новинар и портпарол на грчката воена хунта (1967 - 1974). Каменос негира таква зделка со Георгалас.

Tsipras Vereidigung als neuer Premierminister 26.01.2015 Athen
Алексис Ципрас и грчкиот претседател Каролос ПапулјасФотографија: AFP/Getty Images/A. Messinis

Во време на неуспешните обиди за избор на претседател на државата, на насловните страници се најде и пратеникот на АНЕЛ Павлос Хаикалис. Овој сатиричар обвини еден дубиозен политички советник дека му понудил три милиони евра за да гласа во парламентот за кандидатот на владеачката коалиција. Хаикалис татнеше дека налогодавец бил лично премиерот Самарас. Нешто подоцна мораше да ретерира, откако во јавноста се појавија снимките од неговите разговори со дубиозниот посредник.

Во такви интриги не сакаше да се впушта Рахел Макри, сега веќе поранешна членка на АНЕЛ. Таа кон крајот на 2014 година во едно соопштение го обвини шефот на АНЕЛ Каменос за внатрепартиско шиканирање и истовремено истапи од партијата. Оттогаш таа се ангажира во Сириза.