1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема поделба на Косово

Зулфија Јакупи10 декември 2008

Распоредувањето на европската мисија на Косово, Еулекс се одвиваше без проблеми. За експертите е најважно тоа што оваа мисија ќе биде разместена на целата територија на земјата.

https://p.dw.com/p/GCVn
Еулекс се распоредува на КосовоФотографија: AP

Политичкиот аналитичар Азем Власи истакнува дека најважно е тоа што ЕУЛЕКС ќе функционира на целата територија и што ќе работи според важечките прописи на Косово.„Се’ што ќе се работи на теренот ќе биде во соработка со институциите на Косово и сметам дека мисијата ќе биде за добробит на сите граѓани на Косово, пред се' за северниот дел, каде што веќе некое време постои правен вакуум“, вели Власи. Тој оценува дека УНМИК и ЕУЛЕКС ги разјасниле меѓусебните односи и затоа нема место за приказните за поделба на Косово.

Истовремено, аналитичарот Шкљзен Малиќи истакнува дека ЕУЛЕКС нема да има административна власт на Косово, како што до сега беше случајот со УНМИК, туку само ќе ги надгледува процесите. „Ќе има некој вид дуализам во пристапот на северот на Косово и веројатно во српските енклави. ЕУЛЕКС таму постепено ќе ги преземе функциите на УНМИК и потоа ќе стреми кон тоа да се одржат избори и Косово постепено да се интегрира како целина“, вели Малиќи, кој нагласува дека уште некое време, особено во северниот дел на Косово, ќе биде потребно силно меѓународно присуство.

Serben werden im Kosovo vertrieben_2
ЕУЛЕКС треба да функционира и во српските енклавиФотографија: dpa

ЕУЛЕКС да се ангажира во реформата на судството

За разлика од косовските аналитичари, западните набљудувачи очекуваат ЕУЛЕКС да се ангажира и во реформата пред се' на правосудниот систем на Косово.„Со оглед дека ЕУЛЕКС е задолжен за судството, наше главно барање е мисијата да посвети големо внимание на овој сектор и да ги разјасни нерасчистените воени злосторства. Притоа треба да бидат поставени независни судии кои ќе придонесат да се разјасни и судбината на 3.000 изчезнати лица“, изјави Барбара Лохбилер, генерален секретар на германската секција на Амнести Интернешнал.