Нема камбек за Ахмадинеџад
21 април 2017Поранешниот претседател на Иран, Махмуд Ахмадинеџад, не смее да се кандидира за претседателските избори во мај. Таканаречениот Совет на чуварите на револуцијата (или Гардиски совет), кој врши проверка на сите кандидати, не му даде дозвола на фундаментално-исламистичкиот политичар. Веста ја пренесе иранската државна телевизија повикувајќи се на министерството за внатрешни работи.
Ахмадинеџад, спротивно на волјата на политичкиот и духовен водач, ајатолахот Али Хамнеи, се регистрираше како кандидат за изборите на 19 мај. Али Хамнеи есеноска предупреди дека кандидатура на поранешниот претседател би можела да предизвика поделба во земјата. Ахмадинеџад во текот на својот осумгодишен мандат предизвикуваше тензии пред сѐ со своите непријателски говори кон Израел и водеше антизападен курс. По регистрацијата, кандидатите за избори минуваат низ проверка од страна на исламскиот Совет, кој ги проверува нивните политички и верски квалификации.
Шест кандидати добија дозвола
Дозвола за настап на претседателските избори добија шест кандидати. Тоа се актуелниот претседател Хасан Рохани, кој важи за умерен, потоа ултраконзервативниот духовник Ебрахим Раиси, конзервативниот градоначалник на Техеран, Мохамед Багер Галибаф, потпретседателот Ешаг Џахангири, умерениот политичар Мостафа Хашемитаба, како и хардлајнерот Мостафа Мирсалим. На конзервативците им е јасно дека без заеднички кандидат речиси и немаат шанси против Рохани. Како кандидат со најголеми изгледи важи духовникот Раиси.
Доколку биде реизбран, Рохани нема да го чепка нукеларниот договор од 2015 година. Неговите противкандидати му префрлаат дека со договорот не се постигнале поставените економски цели. Затоа конзервативците и хардлајнерите како Ахмадинеџад сакаат да го ревидираат или да го откажат договорот.