Нема загинати во авионската несреќа во Мексико
1 август 2018Авионската несреќа се случи во мексиканската сојузна држава Дуранго. Според наводи на мексиканската влада, во авионот на авиокомпанијата Аеромексико имало 97 патници и четворица членови на екипажот. Очевидци тврдат дека голем дел од луѓето сами излегле од авионот.
Авионот полетал од меѓународниот аеродром Гвадалупе Викторија во главниот град Дуранго и требало да стигне во Мексико Сити. Гувернерот на сојузната држава Дуранго, Хозе Росас Аиспуро, за мексиканската телевизија изјави дека загинати нема. Бројот на повредени е околу 85, меѓу кои двајца се тешко повредени. Еден од тешко повредените е пилотот.
Според досегашните сознанија, пилотот најверојатно морал да го прекине полетувањето поради лошите временски услови. „Врнеше, имаше бура, мислам дека сакале да го прекинат летот“, изјави Аиспуро. Тој информираше и дека авионот удрил зад пистата, по што се појавил оган во леталото.
Аеромексико на Твитер напиша дека се проверуваат информациите во врска со несреќата.
Телевизијата Миленио емитуваше слики од спасувачи кои им пружаат помош на патниците, а според медиумот, на аеродромот во Дуранго на семејствата на патниците им биле ставени на располагање и психолози.