1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Независноста на Косово и соседите

ФАЦ / Михаел Мартенс 22 септември 2008

Зошто соседите на Косово имаат проблеми да ја признаат неговата независност? Анализа на Франкфуртер алгемајне цајтунг

https://p.dw.com/p/FMs1
КосовоФотографија: picture-alliance/ dpa

„Откако косовскиот парламент во Приштина на 17 февруари прокламираше независност на Косово, 46 држави од 192 земји членки на ОН го признаа овој чекор. Косовското раководство непосредно по прокламацијата се обрати до сите главни градови и истовремено преку дипломатска нота го привлече вниманието кон новата држава. Меѓу ’оние кои го признаа’ во меѓувреме се вбројуваат САД, најважниот политички спонзор на косовската самостојност, исто и повеќето земји членки на ЕУ. (...) Но покрај овие држави кои теоретски би можеле да испратат амбасадор во Приштина, се наоѓаат и многу кои не само географски се далечни на Косово - како Коста Рика, Буркина Фасо или Науру.“ пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг и продолжува:

„Во соседството, напротив процесот на признавање макотрпно се одвива: Ниту Грција и Романија, ниту Македонија, Црна Гора или Босна и Херцеговина досега ја признаа независноста на Косово. Бугарија, Хрватска и Унгарија имаа толку потешкотии со овој чекор, што се осмелија да го сторат само заеднички, за товарот од српскиот гнев да го распределат на што е можно повеќе рамења.

Ова и не е изненадувачки, бидејќи додека во Средна Америка, Западна Афирка или на Коралните острови во Пацификот не стравуваат од српските санкции, во регионот е поинаку. Овде сакаат да ги одбегнат официјалните или скриените санкции на Србија. Оттука интеграцијата на Косово во заедницата на држави е нецелосна токму пред сопствената врата, каде од економски причини би била и најважна. Сабине Виленберг од Институтот за политикологија во Лајпциг овој товар го истражуваше за новото издание на минхенските списи за Југоисточна Европа и дојде до малку оптимистички заклучок: ’дека во Србија европската ориентација и енергичната позиција по косовското прашање стојат спротивставени едни на други... значи брзиот напредок на Србија на патот на европската интеграција би требало во основа да ја смири опозицијата за независноста на Косово или да може да ја елеминира, но ова во принцип е недоразбирање. На него се изложени не само ЕУ, туку и соседите на Србија’“ смета ФАЦ и понатаму поединечно ги разгледува причините зошто соседите на Косово не ја признаваат неговата независност.

„Романија досега стравува од признавањето не само поради тоа што Букурешт се плаши дека унгарското малцинство би можело за пример да ги земе Албанците од Косово поле. Токму по случувањата во Грузија важна улога игра и соседната Република Молдавија, за која Романија агира како застапувач. (...) Во Грција слична улога игра кипарското прашање.

Признавањето на Косово во моментов се чини за невозможно во државата на три народи Босна и Херцеговина, каде што мировниот договор од Дејтон од 1995 година, кој во основа се покажува како аранжаман за долгорочна поделба на земјата, им овозможува на босанските Срби да спречат таков чекор.“ анализира Франкфуртер алгемајне цајтунг и продолжува:

„Од други причини тешка е и позицијата на Македонија и Црна Гора, двете држави кои се граничат како со Србија така и со Косово. Во Македонија, албанското население во земјата брои една четвртина од граѓаните со право на глас. Фрустрирани поради спречената интеграција кон западот на нивната речиси несакана татковина, поради спорот со името со Грција, албанското население во Македонија, од кои многумина порадо би биле жители на Големо Косово, бара брзо признавање на соседот од Скопје. Досега на ова се спротивставуваше неодбележениот тек на границата меѓу Македонија и Косово. На крајот на јуни годинава, на негодување на Белград беше формирана македонско-косовска комисија да го реши тоа, но во позадина демне друга опасност, која македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски точно ја погоди: ’За Србија не е толку едноставно, да им наштети на Австрија или Велика Британија. Но во случајот Македонија би било поедноставно, а тоа би можело да биде искушение за радикалните сили во Србија.’

За малата и тесно на Србија приврзана Црна Гора важи истото. Многу Црногорци, работат или студираат во Белград, освен ова минатите години беше мода во републиката на Јарданот, парите од продажбата на имотите на Русите да се инвестираат во недвижнини во српскиот главен град. Туризмот во Црна Гора сеуште се потпира на Србите. Оттука премиерот на Црна Гора, Ѓукановиќ, најумиот тактичар меѓу политичарите во регионот, добро ќе размисли дали пријателството на косовските Албанци му е повредно од пријателството на Србите.“ пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.