1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

(Не)дипломатски притисок врз Белград

26 јули 2011

Специјалците на косовската полиција со употреба на оружје повторно го зазедоа административниот премин Брњак. Во акцијата сериозно е повреден еден косовски полицаец.

https://p.dw.com/p/123sm
Еден час по заминувањето, косовските специјалци се вратиле на преминот, по што настанало пукањетоФотографија: DW

Очевидецот Ратомир Божовиќ изјави дека полицајците пукале за да се пробијат до преминот и покрај тоа што Србите се обидувале да го блокираат патот. Жителите сега проверуваат дали има повредени и настрадани. Косовската полиција за сега не се огласува за овој инцидент. Косовските специјални единици околу 13 часот се повлекоа од преминот Брњак. Повлекувањето требаше да биде дел од договорот на КФОР и властите во Белград и Приштина.

Српските власти ги повикуваат жителите во Косово да останат мирни и со ладна глава. Шефот на тимот за преговори со Приштина, Борислав Стефановиќ, ја осуди акцијата на косовските полицајци. Тој изјави дека властите во Приштина сакаат „да ги свртат работите во сосема спротивна насока.“

Поради враќањето на специјалците по еден час од напуштањето на преминот и пукањето, командантот на КФОР, Ерхард Билер, издаде наредба до португалската единица во составот на КФОР да се распореди на преминот Брњак.

Kosovarische Behörden drohen mit Importverbot für serbische Ware SYMBOLBILD ARCHIV NO FLASH
Во пукањето е повреден еден полицаецФотографија: picture alliance/dpa


Ситуацијата може да прерасне во сериозен инцидент

Ситуацијата на северот од Косово може да прерасне во сериозен инцидент, оцени поранешиот администратор на УМНИК во Косовска Митровица, Џералд Галучи. Тој предупредува и на можноста Белград, притиснат од уцените за членство во ЕУ, да дозволи „пад на северот“.

„На Приштина и' е дозволено да си игра со оган, а во тоа ја охрабруваат САД и другите меѓународни помагачи. Можно е Белград, притистан до ѕид поради амбицијата за членство во ЕУ, да дозволи пад на северот. Србите од северот се ставени во позиција, во која можат да проценат дека единствено им останува да се бранат“, оценува Галучи.

Според него, синоќешната акција на полицијата уследила по низа провокации од Приштина и неуспехот на ЕУЛЕКС да ги заузда. „Приштина предизвика криза, така што го блокираше увозот на стоки од Србија во Косово, како и сообраќајот на административната линија, што САД го поздравија. Приштина претходно ги отпушти локалните команданти на полицијата на северот, а ЕУЛЕКС не успеа да влијае на тој унилатерален потег на косовските власти“, наведе Галучи.

Mutter Teresa Platz in Pristina
На Приштина и е дозволено да игра со оган, смета Џералд Галучи, поранешен администратор од УМНИК на Косовска МитровицаФотографија: DW/B.Shehu

Околностите укажуваат на потребата од обновување на улогата на ОН, забележува поранешиот администратор на УМНИК во Косовска Митровица и додава дека се чини оти КФОР и ЕУЛЕКС ја напуштиле мировната улога.

Хазардерски потег

Владата на Косово со испраќањето на сили на административната линија со Србија повлече хазардерски потег, со кој ја тестира силата на Србија, а целта на Приштина е да се доведе Белград во пат-позиција, вели поранешниот српски дипломат, Предраг Симиќ.

„Стравувам дека прогнозата е лоша и дека провокациите ќе продолжат и оти Приштина до максимум ќе настојува да влијае врз случувањата во Србија, јакнејќи ја поделбата меѓу српските партии и ќе го свртува вниманието на меѓународната заедница со обидот да ја доведе Србија во пат-позиција“, вели аналитичарот Симиќ. Според него, ако ембаргото продолжи, тоа ќе ја чини Србија повеќе од 300 милиони долари и повеќе од пет илјади работни места. „Според тоа, ова е дипломатија на сила, војната е продолжение на политиката со други средства, а ембаргото е инструмент на економска војна.“

Политичкиот аналитичар Дејан Вук Станковиќ акцијата на косовските власти ја оцени како „нестандарден дипломатски притисок врз Србија.“ Тој смета дека треба да се избегнат понатамошни радикализации и подигања на тензиите на северот од Косово. Загрижен е за натамошните разговори меѓу Белград и Приштина и смета дека договорот тешко ќе се постигне без посредници, како ЕУ.

Ansicht von Prishtina
Српските аналитичари сметаат дека Приштина го става Белград во пат-позицијаФотографија: Ajete Beqiraj

И за политичкиот аналитичар Јово Бакиќ последните случувања на Косово се притисок врз претставниците на Белград, кои преговараат со Приштина. Тој нагласува дека акцијата за преземање на административните премини со Србија не можела да почне без знаење на ЕУ и САД. „Тоа претставува ултиматум: или ќе преговарате или ќе ги пуштиме Албанците да го решат тоа како што сакаат“, вели Бакиќ. Тој укажува дека последицата од актуелните случувања на Косово може да биде јакнењето на националистичките струи во Србија.

Српската опозиција ги критикува властите во Белград

Опозицијата во Србија ја критикува владата дека реагира реактивно и слабо на настаните во Косово и прашува дали таа ќе се закани со недоаѓање на септемвриската рунда разговори со Приштина поради преземањето на премините на административната линија. Пратеникот од ДСС, Слободан Самарџиќ, изјави дека два дена се зборувало меѓу жителите на Косово дека специјалните единици ќе ги блокираат премините и дека ќе ја заземат нивната контрола, додека разузнавачките служби, одбраната и цивилната заштита потфрлиле.

Шефот на пратеничката група СРС, Драган Тодоровиќ, побара закажување на седница на парламентот на која би дошол претседателот Борис Тадиќ за да каже што планира да направи кога станува збор за Косово и праша зошто Србија не бара закажување на седница на Советот за безбедност на ОН. На владината коалиција тој и` забележа дека овозможила државата Косово да се заокружи и административната да стане државна граница.

Parlament der Republik Kosovo Priština
Опозицијата во косовскиот парламент ги поддржува акциите на властаФотографија: DW/A.Beqiraj

И шефицата на пратеничката група „За европска Србија“, Нада Кокунџија, смета дека е важно владата да им одговори на пратениците и да им даде јасна слика што се презема, за да не се добие погрешен впечаток дека владата и српските институции не презеле се` што е во нивна надлежност.

Од другата страна на границата, опозициските косовски партии Демократски сојуз на Косово и Движењето „Самоопределување“ ја поддржуваат акцијата на косовските специјалци за преземање на премините. „Алијансата за иднината на Косово“ ја повика владата во Приштина да заврши со акцијата на воспоставување државна контрола на северот од Косово, особено на премините Брњак и Јариње, и со тоа да создаде можност за примена на уставот и законите на Косово и во тој дел од земјата.

Автор: Александар Методијев/ Бета/ Ројтерс

Редактор: Горан Чутаноски