Невреме во Северна Рајна Вестфалија
Поплавени улици, паднати дрвја и оштетени покриви - германската покраина Северна Рајна Вестфалија вчера попладне (29.05) беше погодена од обилни врнежи на дожд и силни ветришта. Најтешко погодени беа Вупертал и Ахен.
Вупертал под вода
Центарот на градот Вупертал се најде под вода - 70 сантиметри, што предизвика колапс на сообраќајот и јавниот превоз. За кратко време во градот наврнаа 100 литри вода на квадратен метар.
Урнат покрив на бензинска станица
Силните налети на ветрот предизвикаа пад на покривот на бензинска станица во близина на Вупертал. Во моментот на нејзиното уривање тука биле паркирани 14 возила, за среќа, нема потешко повредени и жртви.
Паднат покривот на зградата на Универзитетот во Вупертал
Дел од покривот на зградата на Универзитетот во Вупертал исто така беше урнат од вчерашното невреме. Штетите, според првичните проценки, се големи, но нема жртви. Од поплава е оштетено и приземјето на дел од универзитетскиот објект.
Поплавени продавници во Ахен
Во градот Ахен, поројните дождови предизвикаа поплави во повеќе објекти, меѓу кои и трговски центри.Кратко време во делови од градот е предизвикан и прекин на електричната струја поради оштетена трафостаница. Пожарникарските служби примиле преку 450 повици за интервенција и помош.